/ Прочитано:

1.799

Кривични пријави за учество во толпа и куќен притвор од осум дена за двајца демонстранти

Според податоците на полицијата, лицата за време на одржувањето на ненајавен протестен собир, на кој присуствувале околу 2 000 граѓани, учествувале во толпа, при што фрлале тврди предмети, го кршеле инвентарот и извршиле други оштетување на надворешноста и на внатрешниот дел на објектот на Народната канцеларија на Претседателот на РМ, предизвикувајќи значителна материјална штета.

Протести пред Собрание по помилувањата

Кривична пријава за сторено дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело и мерка куќен притвор во траење од 8 дена добиле две лица, Н. А. (30) и Ф. Н. (30) двајцата од Скопје, поради сомнение дека учествувале во насилните протести во средата на 13 април.

Според податоците на полицијата, лицата за време на одржувањето на ненајавен протестен собир, на кој присуствувале околу 2 000 граѓани, учествувале во толпа, при што фрлале тврди предмети, го кршеле инвентарот и извршиле други оштетување на надворешноста и на внатрешниот дел на објектот на Народната канцеларија на Претседателот на РМ, предизвикувајќи значителна материјална штета.

Во врска со настанот бил запознаен и јавен обвинител и по прегледувањето на видеозаписи, од страна на Јавниот обвинител и полициски службеници од Единицата за насилен криминал е констатирано дека Н. А. и Ф. Н. активно учествувале во групата што вршела оштетување на Народната канцеларија на Претседателот на РМ, изнесување на инвентарот и опожарување на инвентарот на коловозот.

„Имено, завчера околу 18:00 часот, по претходно ненајавен протест организиран од страна на НВО „Ајде“ и други невладини организации, започнало собирање на поголема група на граѓани пред објектот на СЈО, каде што изразувале поддршка на работата на СЈО, а протестирале против одлуката на Претседателот на РМ за аболиција на лицата поврзани со прислушуваните разговори. Откако претходно од страна на граѓаните кои протестирале била блокирана улицата пред СЈО, толпата се упатила кон Народната канцеларија на Претседателот на РМ, каде што од повеќе лица од толпата објектот бил каменуван, при што поголем број граѓани учесници во толпата, вклучувајќи ги и пријавените, извршиле оштетување на стаклата од објектот. По ова, од страна на неколку лица учесници во толпата, вклучувајќи ги и Н. А. и Ф. Н., е влезено внатре во канцеларијата каде што е извршено оштетување на инвентарот, а пријавените изнеле дел од инвентарот на коловозот пред објектот каде што заедно со уште едно засега непознато лице го запалиле инвентарот“, стои во соопштението на полицијата.

Од полицијата појаснуваат дека откако кордонот од полициски службеници започнал да ја потиснува толпата во правец на Министерството за правда, толпата продолжила да фрла со разни тврди предмети, при што е оштетен објектот на Министерството за правда и при што бил повреден новинарот на „Плусинфо“ Горан Наумовски.

По насилните протести, при потиснувањето на толпата од страна на полициските службеници од Единицата за брзо распоредување, беа приведени вкупно 13 лица. Сите лица негирале дека ги сториле делата што им се ставаат на товар, наведувајќи дека мирно протестирале. Против 11 од нив се поведени прекршочни постапки.

Во вчерашните протести, пак, неколку од групата граѓани, поради незадоволството, започнале да фрлаат камења и цигли врз полициските службеници и во повеќе наврати фрлиле запалени бакли кон кордонот.

„Без употреба на физичка сила, со употреба на тактичка техника – потиснување, масата од околу 2 000 граѓани од страна на полициските службеници била потисната, а сѐ со цел одбивање на каменувањето, како и да се спречи оштетување на објекти и повреди на други лица. При каменувањето повредени биле пет полициски службеници, на кои им била укажана лекарска помош во ГОБ – Св. „Наум Охридски“, каде што им биле констатирани телесни повреди, а потоа биле пуштени на домашно лекување“, стои во полицискиот билтен.