/ Прочитано:

1.381

Кривичниот совет ја одби жалбата на СЈО за Јанкулоска

Жалбата на СЈО се одбива како неоснована, а решението на судијата на претходна постапка се потврдува, велат од Кривичниот суд.

Гордана Јанкулоска во Суд за Тврдина

Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) против решението на судијата на претходна постапка од 18.7.2016, со кое беше одбиен предлогот на СЈО за определување мерки за претпазливост против Гордана Јанкулоска опфатена во предметот на СЈО во јавноста познат како „Тврдина“, донесе решение со кое жалбата на СЈО се одбива како неоснована, а решението на судијата на претходна постапка се потврдува, велат од Кривичниот суд.

Судијката на пратходна постапка, Александра Поп-Стефанија, смета дека не постои основа за определување мерки на претпазливост за поранешната министерка Гордана Јанкулоска, предложени од СЈО, од причина што не постоеле околности што упатуваат на реална опасност од бегство на осомничената, имајќи ги предвид нејзините лични и семејни односи, со оглед на тоа што има цврсти семејни односи во Република Македонија – нејзиниот сопруг и родителите се со постојано место на живеење во Република Македонија, потоа дека таа е имотна, вработена и со постојано место на живеење во Скопје на точно позната адреса.

Ова е наведено во решението на судијката на претходна постапка врз основа на предлогот на СЈО за одземање на пасошот на Јанкулоска објавено минатата недела.

Јанкулоска е третоосомничена во предметот „Тврдина“ за уништувањето на системите на прислушување.