/ Прочитано:

1.691

Кривичниот суд ги отфрли жалбите на обвинителите – прислушуваните разговори не можат да бидат докази

Среда, 4 ноември 2015 – Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 ги отфрли жалбите на обвинителите како неосновани и ја потврди одлуката на судијата на претходна постапка со којашто прислушуваните материјали од предметите на ОЈО оформени по поднесена кривична пријава на СДСМ против Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски, Сашо Мијалков, Ирена Мишева, Мартин Протуѓер, Тони Трајковски и Коце Трајановски се издвојуваат како  незаконски прибавени докази. 

„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, на денешната седница донесе решение со кое жалбите на ОЈО – Скопје против решенијата на судија на претходна постапка за издвојување на доказите од списите на предмети на обвинителството се одбиваат како неосновани и решенијата на судија на претходна постапка со кои се издвојуваат докази – аудио записи од телефонски разговори и транскрипти од истите се потврдуваат“, соопштуваат од Судот.

Оваа одлука на кривичниот следува откако Апелациониот суд се прогласи за ненадлежен да одлучува по жалбите на Основното јавно обвинителство во Скопје кои беа поднесени откако Основниот суд Скопје 1 донесе одлука да ги отфрли како неосновани докази прислушуваните материјали што ги објави опозицијата.

Предметите за случајот „Прислушување“, како и „Пуч“ се очекува во наредниот период да ги преземе специјалната обвинителка Катица Јанева.