/ Прочитано:

1.404

Кривичниот суд ги прекинал постапките за „Пуч“ и „Поткуп“. Одбраната најави жалби до Апелациониот суд

Според Филип Медарски, адвокатот на Заев, одлуките на Иванов се противзаконски, противуставни и се спротивни на Европската конвенција за човекови права и врз основа на тоа тие ќе го обжалат решението пред Апелациониот суд и ќе бараат негово поништување.

Зоран Заев на судење за случајот „Поткуп“

Диана Груевска-Илиевска, судијка во процесот „Поткуп“, кој се води против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, постапувајќи по одлуката на претседателот на Република Македонија за помилување на поголем број на лица, меѓу кои и обвинетиот Заев, донела решение со кое се запира постапката.

Судијката го доставила решението до одбраната на Заев, која најави дека ќе поднесе жалба.

Според Филип Медарски, адвокатот на Заев, одлуките на Иванов се противзаконски, противуставни и се спротивни на Европската конвенција за човекови права и врз основа на тоа тие ќе го обжалат решението пред Апелациониот суд и ќе бараат негово поништување.

Одбраната на Заев го добила и решението за запирање на постапката и за предметот „Пуч“, кој го водеше судијката Љубинка Башевска, во кој исто така беше обвинет Заев. Медарски најави жалба до Апелација од истите причини како и за случајот „Поткуп“. Во случајот „Пуч“, покрај Заев, обвинети беа и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и неговата сопруга Соња, службеникот во Општина Струмица Бранко Палифров и Ѓорги Лазаревски кој бил вработен во МВР. Нивните имиња се најдоа во една од одлуките на претседателот Иванов за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка.

Третиот обид за почеток на судењето за предметот „Поткуп“ беше закажан за 21 април. Последното рочиште беше одложено бидејќи бранителите на Заев имале неодложни патувања во странство.

Заев, според Обвинителството, во својство на службено лице градоначалник на Општина Струмица побарал поткуп од 163 924 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов, односно по 2 евра за еден метар квадратен градежно земјиште во Струмица кое Николов бил заинтересиран да го приватизира. Според обвинението, едната половина од партите била за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица.

Ново рочиште за случајот „Пуч“, пак, беше закажано на 3 мај.

М.С.