Кривичниот суд го одби предлогот на СЈО за изрекување мерки на претпазливост за двете осомничени лица во случајот „Тендери“
Постапувајќи по предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) за определување мерки за претпазливост против две лица опфатени во предметот на СЈО во јавноста познат како „Тендери, Основниот суд Скопје 1 - Скопје го одби предлогот како неоснован.
Судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 денеска со решение од 28.10.2016 го одби како неоснован предлогот на Специјалното јавно обвинителство за определување мерки за претпазливост, а по писменото изготвување, решението е доставено до странките, се вели во соопштението од Кривичниот суд.
„Постапувајќи по предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО) за определување мерки за претпазливост против две лица опфатени во предметот на СЈО во јавноста познат како „Тендери“, пред судија на претходна постапка на 28.10.2016 година беа повикани двете лица кои во присуство на нивните бранители и претставник на СЈО се произнесоа во врска со предлогот. По завршување на распитот, судијата на претходна постапка со решение од 28.10.2016 го одби предлогот на СЈО, за определување на мерки за претпазливост, како неоснован, а по писменото изготвување решението е експедирано до странките“, е наведено во соопштението.
Инаку, во петокот, во Кривичниот суд во Скопје на распит беше министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, првоосомничена во случајот „Тендери“, која случајот го оквалификува како политички монтиран процес.
„Случајот Тендери е политички монтиран процес за кој нема докази. Мене во судот не ми беа презентирани никакви докази“, изјави министерката за култура, по сослушувањето во петокот.
Канческа-Милевска е осомничена во случајот „Тендери“ бидејќи без почитување на Законот за јавни набавки и без спроведување на јавно наддавање склучила договор со изведувач за дополнителни градежни активности на Музејот на ВМРО. Тендерот бил во корист на градежната фирма АД „Бетон – Штип“, а со овој договор бил оштетен Буџетот на РМ во износ од 1 милион евра.
А. Б.