Кривичниот суд го укина притворот на новинарот Зоран Божиновски

„Постапувајќи по предлог на jавниот обвинител за укинување на мерката притвор за обвинетиот З.Б., обвинет во предметот со КОК бр. 79/16, судечкиот судија на денешниот главен претрес донесе одлука со која предлогот на обвинителот се уважува и мерката притвор се укинува, а во согласност со предлогот се определуваат превентивни мерки за обезбедување присуство на обвинетиот во текот на постапката. Против ова решение, дозволено е право на жалба во рок од 3 дена“, се наведува во соопштението на Судот.

Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска соопшти дека се укинува мерката притвор за новинарот Зоран Божиновски. Во соопштението од Судот се вели:

„Постапувајќи по предлог на jавниот обвинител за укинување на мерката притвор за обвинетиот З.Б., обвинет во предметот со КОК бр. 79/16, судечкиот судија на денешниот главен претрес донесе одлука со која предлогот на обвинителот се уважува и мерката притвор се укинува, а во согласност со предлогот се определуваат превентивни мерки за обезбедување присуство на обвинетиот во текот на постапката. Против ова решение, дозволено е право на жалба во рок од 3 дена“.

Истовремено, Здружението на новинарите на Македонија на својот профил на социјалната мрежа „Твитер“ објави дека Божиновски денеска треба да излезе од притвор, нагласувајќи дека мерката притвор е заменета со мерка на претпазливост.

„Со ваквата одлука на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Македонија излегува од срамната листа на земји каде што има новинари во затвор“, потенцира ЗНМ.

Инаку, новинарот Божиновски е обвинет во случајот „Шпион“ и се товари за злосторничко здружување, шпионажа и уцена. Истрагата за него беше запрена поради неговата недостапност сè до април, 2016 година кога е екстрадиран од Србија во Македонија. ЗНМ неколкупати бараше укинување на притворот на Божиновски.

А. Б.