Кривичниот суд: Јавниот обвинител да се произнесе за постапувањето во предметите на СЈО
„Колегиумот на судии при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, на седницата одржана на 04.02.2019 година, на која тема на дискусија беше правното мислење на Врховниот суд на Р Македонија во однос на рокот во кој Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) може да поднесува и презема обвиненија, донесе заклучок да се обрати до Јавниот обвинител на Р Македонија, Љубомир Јовевски, со барање Јавниот обвинител да се произнесе кое обвинителство може во иднина да постапува како овластен тужител во предметите поднесени од СЈО.
Воедно судот бара Државниот јавен обвинител да иницира автентично толкување на член 22 од Законот за СЈО од Собранието на Р Македонија, бидејќи само законодавецот може да даде автентично толкување на законите.
Од исклучителна важност за судот е правилна и доследна примена на Законот за кривична постапка кој е од примарно значење во водењето на постапките. Во таа смисла е и барањето до Јавниот обвинител во однос на примената на член 17 од ЗКП:
Член 17
Начело на акузаторност и официјалност
(1) Кривичната постапка се поведува и се води само по барање од овластениот тужител.
(2) За дела за кои се гони по службена должност или по предлог на оштетениот овластен тужител е јавниот обвинител, а за дела за кои се гони по приватна тужба овластен тужител е приватниот тужител.
Сè до произнесување на Државниот јавен обвинител дали предметите ќе останат во надлежност на СЈО или ќе бидат преземени од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, Основниот суд Скопје 1 – Скопје во сите предмети постапува согласно одредбите од ЗКП, а за предметите на СЈО добиени по истекот на рокот за кој мислење даде Врховниот суд на Р Македонија, кои се итни и неодложни, ќе одлучуваат надлежните кривични совети, се со цел да не дојде до непотребно одолговлекување.
Во однос на неоснованите написи на одредени портали поврзани со работата на АКМИС-системот, Основниот суд Скопје 1 – Скопје го повикува Судскиот совет, и сите повисоки судски инстанци како и независни информатичари со одобрение на Судскиот совет, да извршат вонредни контроли на работата на АКМИС-системот и за сите евентуално утврдени нерегуларности да го известат Јавното обвинителство кое може да поведе соодветна постапка.
Воедно, согласно заложбите за транспарентно работење, ги охрабруваме сите професионални новинари и невладини организации, за сите нејаснотии и шпекулации околу евентуални недоследности во работењето, да побараат став од судот или од повисоките судски инстанци кои ја регулираат работата на судот“, се вели во соопштението на Кривичниот суд.
Постапката за барање автентично толкување во Деловникот на Собранието на РМ
Врховниот суд треба да одржи општа седница по повод иницијативите во врска со истрагите на СЈО
Соопштение на Врховниот суд за одржување седница по повод иницијативите во врска со истрагите на СЈО
М.В