/Прочитано:

117

Кривичниот суд: Одложена седницата во врска со актот за предметот „27 април“

Советот за оцена на обвинителен акт, кој постапува по актот во јавноста познат како „Организација на настаните од 27 април 2017 год.“, по барање на одбраната, денеска ја одложи закажаната седница и на одбраната ѝ дозволи увид во комплетниот доказен материја.

Имено, одбраната истакна дека Обвинителството во досегашниот тек на постапката не им дозволил увид во сите списи од предметот, па со цел заштита на правата на странките, Судот, во согласност со одбраната, на 11 ноември дозволи во текот на целиот ден да вршат увид во списите. Со оглед дека ниту обвинителот ниту одбраната не можат порано да присуствуваат на термини кои им беа понудени од советот, седницата за оцена на обвинителниот акт е закажана за 6.12.2019 година.

Воедно, на денешното барање на одбраната за присуство на јавност на седницата, советот ги извести странките дека, иако од претходно закажано, досега никој не се обратил со барање за присуство на јавноста на конкретната седница и советот нема донесено решение за исклучување на јавноста, а по добиено конкретно барање советот дополнително ќе се произнесе, со оглед дека денешната седница беше одложена.

Претходно, Судот извести дека одбраната во конкретниот предмет поднесе барање за изземање на сите судии кај кои согласно АКМИС-системот беше распределен актот бидејќи истите учествувале во други постапки поврзани со кривичноправниот настан. Со оглед дека беа исполнети условите од ЗКП, барањата беа уважувани и беа изземени 8 од 9 судии во Одделението за организиран криминал и корупција. Сѐ со цел да не се дозволат дополнителни одолговлекувања на оцената, предметот беше распределен кај совет од одделот Кривично полнолетни и беше закажана седницата.

М.В