/ Прочитано:

1.074

Кривичниот суд по вторпат со поголеми условни затворски казни за тепачката на скопското Кале

Вторник, 12 март – Сите 14 обвинети за тепачката што се случи на скопското Кале пред 2 години повторно добија условни затворски казна, доколку во рок од 2 години не го повторат делото. Овојпат се осудени на седум,  а не три месеци како што беше случајот со првото судење што се водеше по скратена постапка. 

Кривичниот суд во Скопје пресуди колективна одговорност за учесниците во инцидентите на скопската тврдина пред две години кога физички се судрија две групи.  Едната група беше од навивачи Македонци, а другата Албанци предводена од невладината организиација  „Разбуди се”.
На сите 14 обвинети судот им пресуди по седум месеци условна казна затвор доколку во наредните две години го повторат делото. Судот им судеше на 14 лица кои имаа поднесено приговор на првата пресуда која се донесе во скратена постапка, без одржување на рочишта. По првата судска пресуда каде обинетите добија 3 месеци условна затворска казна,  дел од нив поднесоа приговори за судењето по скратена постапка и за казната, по што денеска тие добија построги казни од првичните. Адвокатот на лицата што поднесоа приговор, Владо Петроски, после рочиштето во изјава за „Алфа“ вели дека не е во ред тоа што судот пресудил колективна одговорност. 
„Сега тие што поднесоа приговор се казнети со поголема санкција од тие кои ја прифатија првичната пресуда и не се жалеа. Мислам дека не е во ред што судот пресуди колективна одговорност и на сите обвинети им даде иста казна, иако некои од нив докажаа дека не учествувале во насилството“.

Во претходниот судски процес, јавниот обвинител предложи донесување на пресуда без одржување на главен претрес за сите 51 обвинети лица на тој начин што ќе им се изрече условна осуда со утврдена казна затвор во трање од по 3 месеци. Судот постапи по вака поднесениот обвинителен предлог, па минатото лето донесе пресуда со која на обвинетите лица им изрече 3 месеци условна казна затвор.