/ Прочитано:

1.659

Кривичниот суд: Постапувањето во согласност со законските процедури не претставува отежнување на нечија работа

Кривичниот суд реагира на соопштението на Специјалното јавно обвинителство во кое се вели дека продолжува отежнатата соработка на СЈО со Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

Основен суд Скопје 1 Скопје

„Во врска со соопштението објавено од страна на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ), Основниот суд Скопје 1 – Скопје во интерес на правилно, целосно и вистинито запознавање на јавноста со реалната состојба во релaција на судот со конкретното обвинителство информира за следното: Имено, на датумот посочен од страна на СЈО, 20.1.2017 година, јавниот обвинител Лиле Стефанова од СЈО, додека сè уште траело работното време во судот, пристигнала во судот и се упатила директно кај дежурниот судија на претходна постапка со 4 барања, што е констатирано и од самиот дежурен судија на барањата, кој ги примил во 16:05 часот, без притоа обвинителот истите да ги поднесе преку приемното одделение кај овластениот службеник, а што е спротивно од Деловникот за работа на судот и укажувањето на претседател на судот да се почитува Деловникот за работа при прием на писмена во судот, заведување и оформување  предмет и внесување во АКМИС – електронскиот систем на судот“, велат од Кривичниот суд.

„За судот е нејасно зошто, и покрај воспоставените процедури, јавниот обвинител Лиле Стефанова не ги испочитувала и се упатила директно до дежурниот судија на претходна постапка и конкретните барања не се спроведени на соодветен начин и не се внесени во АКМИС системот, а имајќи предвид дека имало доволно време, со оглед дека работното време на судот е до 16:30 часот, а дежурниот судија постапува по 16:30 часот“, додаваат од Кривичниот суд.

Во однос на предметите во кривичните совети при овој суд, од Кривичниот суд истакнуваат дека тие се доделуваат на ист начин како и во останатите оддели.

„Исклучително се внимава кој судија колку пати постапувал во советите, а со цел да се запази принципот на рамномерност, односно подеднаква распределба на предметите кај сите судии кои одлучуваат самостојно. Дополнително, зачудува заканувачкиот вокабулар во писмените дописи и јавни соопштенија на СЈО кон судот и судиите, а јавното повторување на имињата и презимињата на судии на претходна постапка и судии во кривичните совети кои постапуваат по конкретни предмети не може да  влијае врз судиите во овој суд и нивното непристрасно и законито одлучување. Особено ако се земе предвид начинот на презентирање на соопштенијата, каде што за судските одлуки од кои СЈО не е задоволно ги објавува имиња и презимиња на судиите, додека за оние одлуки од кои е задоволно не ги објавува имињата и не се информира јавноста, иако се работи за истите судии, со што се прави обид за јавен линч на судиите.

Постапувањето во согласност со законските процедури и Судскиот деловник од страна на судиите при овој суд во никој случај не претставува отежнување на нечија работа, особено ако другата страна очигледно, намерно или случајно, излегува од воспоставената процедура по која и претходно се постапувало“, се вели во соопштението на судот.

М.В