/ Прочитано:

3.395

КРИВИЧНИОТ СУД: Во досегашното 72-годишно постоење на судот, не се памети вакво однесување на јавен обвинител во судница

Во досегашното 72-годишно постоење на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, не се паметат вакво однесување и непочитување на јавен обвинител во судница, како спрема судот, судската власт, така и спрема судијата што ја води постапката, како што можеа присутните да видат на денешното судење по предметот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) против 14 обвинети лица за кривичното дело насилство, се вели со соопштението на Кривичниот суд, објавено по повод денешното одложено рочиште за случајот со насилствата пред Општина Центар, на кое Јанева и Фетаи се казнети со по 2.000 евра.

„Kако суд, заради транспaрентно информирање на граѓаните, но и поради јавниот интерес, должни сме да кажеме дека со  денешниот однос,  јавните обвинителки од посоченото обвинителство, Катица Јанева и Фатиме Фетаи, во присуство на јавност во судницата, покажаа каков е нивниот однос кон судската власт во државата, однесувајќи се  дрско, крајно непрофесионално, злоупотребувајќи го правото на збор и погазувајќи го секој принцип од кодексот на јавнообвинителската етика.

Судечкиот судија мирно и достоинствено, како што доликува на вршител на судската власт, на записник ги нотираше секој збор и навреда упатена кон неа лично како судија и судот пред кој се води постапката, при што за ваквото однесување повеќепати ги опомена јавните обвинителки, како странка во постапката, да се воздржат од навреди и да постапуваат во рамките на професионалната етика. Но, и покрај опoмените, тие не престанаа да навлегуваат во збор на судијата, да го навредуваат, а со тоа да го нарушуваат редот во судницата и да не дозволат судијата непречено и сконцентрирано да слуша што се зборува во судницата и да го води записникот кој, меѓу другото, се доставува и до самите обвинители.

Но, тоа не беше доволно да се спречи очигледната намера на обвинителките, и покрај тоа што немаше услови да се одржи рочиштето поради неприсуство на неколку обвинети, да ја исполнат својата цел денес, како што и самите изјавија,  да одглумат некаква улога, а тоа дрско го препорачаа и на судијата да учи од нив како се глуми и да одглуми непристрасен судија.

Од сите овие причини, судечкиот судија, во согласност со член 7 од Законот за СЈО,  а во врска со член 361 од ЗКП, донесе одлука предметот целосно да го достави до Советот на јавни обвинители, како  единствено тело надлежно да се произнесе околу однесувањето на јавните обвинители од ова обвинителство“, се вели во соопштението на судот.

Од Кривичниот суд велат дека како суд се должни да го задржат нивото на професионално и законито постапување, како што е предвидено во Уставот и законите на Р Македонија.

„Ја повикуваме  јавноста будно да го следи ваквото однесување на СЈО и константните напади и испади кон судската власт, а исто така како и досега, ние сме транспарентни во однос на непосредното следење на судските процеси, како и нивна контрола, како од јавноста така и од сите надлежни државни институции меѓу кои: Судски совет, Совет на јавни обвинители, Здружение на судии, меѓународните претставници во земјата, со цел да се уверат во  упатените навреди и закани за кривично гонење на судии, од страна на ова обвинителство, што претставува атак врз судскиот систем на Р Македонија“, истакнуваат од Кривичниот суд.

М.В