/ Прочитано:

1.944

Кривичниот суд во врска со коронавирусот: Пред сè адвокатите, кои се најчести „посетители“ на судот, совесно да се однесуваат

„Основниот кривичен суд Скопје ги известува сите граѓани дека, согласно препораките на Владата на РСМ за спречување на ширење на „корона вирусот“ како и заклучокот на Министерството за правда, судот доследно ги почитува препораките и ги презема  сите мерки за заштита на вработените и странките кои се движат во рамки на судот. За таа цел сите вработени кои изминатиот период биле надвор од земјата како и сите бремени жени, хронично болни, како и родители на деца помали од 10 години, а кои побарале ослободување, се ослободени од работа. Судниците, шалтерите, ходниците, лифтовите и тоалетите секојдневно се чистат и дезинфицираат од службите за одржување.

Но, со цел доследно почитување на препораките, судот апелира и до сите граѓани кои се јавуваат како странки во постапки или имаат било каква достава или барање до судот, како и сите обвинители, вештаци, сведоци, полициски службеници, претставници на невладините организации и медиумите и пред се адвокатите кои се најчести  „посетители“ на судот, совесно да се однесуваат и да се водат по препораките на Владата. Доколку некој адвокат, обвинител, вештак или сведок во постапка изминатиот период бил во земји кои се од висок ризик на зараза или препорачана им е самоизолација – за нивната спреченост, со прилог соодветна документација за спреченоста, електронски да го известат судот. Се работи за сопственото здравје, но се работи и за здравјето на сите останати со кои може да имате контакт во судот.

Воедно ја информираме јавноста дека сите закажани судења, за кои постојат услови  да бидат одржани, нема да се одлагаат, се до евентуално нови напатствија од Министерството за правда или Судскиот совет на РСМ. Но, заради заштита на правата на обвинетите и оштетните во сите постапки, судот апелира  дека било какви злоупотреби на препораките за заштита од „корона вирусот“ со единствена цел – одолговлекување на судењата нема да се толерираат и строго ќе се санкционираат“, се вели во соопштението на Кривичниот суд.

Ќе се врши дезинфекција

„Основниот кривичен суд Скопје, во правец на препораките на Владата на РСМ и известувњето на Министерството за правда и Судскиот совет – судењата во Кривичниот суд за кои постојат услови за одржување да не се одлагаат, ги информира граѓаните дека денеска 13.03.2020 година во 17:00 часот ќе се врши темелна дезинфекција на сите судници и останати простории во судот.

Вакви дезинфекции од специјализирана фирма ќе се вршат секој петок се додека постои опасност од ширење на вирусот, а во меѓувреме судските служби за одржување, согласно препораките, секојдневно ќе вршат чистење на судот по неколку пати во текот на работниот ден. Воедно сите судски полицајци и службеници кои имаат директен контакт со странките задолжително носат стерилни ракавици, а за странките се обезбедени средства за дезинфекција.

Како што информиравме и претходно, Кривичниот суд ќе продолжи со судење на сите расправи за кои постојат услови за нивно одржување се до добивање нови напатствија од Министерството за правда и Судскиот совет  и испрати апел до странките и тие доследно да се придржуваат до препораките за заштита“, соопштуваат исто така од Судот.

Инаку, вчера адвокатот Јовица Страшевски објави соопштение во кое истакна дека судниците не се дезинфицираат.

„Кога во нашата држава се забрануваат јавни собири, се затвораат игротеки, градинки, школи итн., нема никаква логика судот да работи под полна пареа, каде што дневно циркулираат илјадници лица кои не се имуни на коронавирусот.

Притоа сакам да Ве информирам дека во Кривичниот суд ниту се спроведуваат некои мерки, ниту се дезинфицираат судниците, ниту се прави некаква контрола на лицата што влегуваат во суд, под полна пареа се одржуваат десетици судења. Нема евиденција кој судија или обвинител бил на некое патување или имал контакти со лица кои се во ризична категорија.

Во текот на вчерашниот ден еден адвокат кој бил на службено патување во ризичен регион присуствуваше на судење, а денес една од обвинетите не дојде на судење поради тоа што нејзиниот сопруг бил во карантин.

Апелирам до Вас итно да дадете препорака до судовите во нашата држава да држат само судења кои се од итен и неодложен карактер, но исто така да се врши дезинфекција на судниците, но и да има контрола на лицата кои влегуваат во судовите“, се вели во соопштението на адвокатот.

М.В