/Прочитано:

884

Кривичниот суд во врска со предметите на СЈО: Судиите во целост ги почитуваат првата на странките

Кривичниот суд објави соопштение во врска со, како што велат од судот, наводите на странките кои постапуваат во предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ).

„Во однос на наводите на странките кои постапуваат во предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ), а кои се водат пред овој суд, за неусогласеност, пречесто закажување на судења или одолговлекување на одредени предмети, ја информираме јавноста дека судиите при Основниот суд Скопје 1 – Скопје во целост ги почитуваат првата на странките, како во овие така и во сите други предмети, и со крајни напори се прават прецизни и усогласени распореди на закажување на главните расправи сè со цел да им се овозможи доволно време на обвинетите и нивните бранители квалитетно да ја подготват својата одбрана, доследно да се почитува принципот на еднаквост на оружјата и правото на судење во разумен рок.

Не може да се занемари фактот дека дел од обвинетите лица, според поднесените обвинителни акти на СЈО, се јавуваат како обвинети во повеќе предмети, а само еден од обвинетите е опфатен во 5 различни предмети, во таа смисла не може да се насрочува главна расправа во ист ден. Дополнителен проблем е што поголем дел од обвинетите имаат по двајца или повеќе бранители, па затоа при насрочување на расправите се внимава на судењето да биде присутен барем еден од бранителите кои ги застапуваат обвинетите.

Во однос на наводите дека за одредени предмети на СЈО не се насрочуваат доволно расправи, напоменуваме  дека само во текот на месец септември 2018 година, од 20 работни дена во 19 од нив се насрочени  расправи за 16 различни предмети по кои постапува Специјалното јавно обвинителство, а воедно термините се усогласени за да ѝ се овозможи доволно време на одбраната да се подготви. Вреди да се напомене дека од декември минатата година до денеска изречени се и 4 пресуди по предметите на СЈО, што е евидентен показател дека нема никаков застој во динамиката на постапување.

Воедно, судиите во овој суд во овој момент постапуваат и по 1.633 други предмети во одделението Кривично-полнолетни и по 126 други предмети во Одделот за организиран криминал и корупција, меѓу кои и предмети со над 30 обвинети, од кои дел се во притвор, и овие предмети не може да се занемарат за сметка на други“, се вели во соопштението на  Кривичниот суд.

М.В