/ Прочитано:

1.229

КРИВИЧНИОТ СУД ЗА „ПУЧ“: Предметот се води по новиот ЗКП, според кој на првата главна расправа не е предвидено повикување сведоци

Судењето за предметот „Пуч“ денеска беше одложено за 1 ноември поради болест на еден од поротниците. Во Кривичниот суд беа присутни обвинетите и нивните бранители и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Зоран Заев пред Кривичен суд за „Пуч“

Во реакцијата што ја објави попладнево Кривичниот суд, а која се однесува на одложувањето на судењето за случајот „Пуч“, се наведуваат истите причините што беа соопштени и утрово – некомплетен судечки совет, односно отсуство на поротник поради болест.

Судот реагира и на изјавата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, според која новиот термин за главна расправа, 1 ноември, претставува одолжување на постапката. Од Судот наведуваат дека станува збор за предмет со повеќе обвинети за тешки кривични дела против државата и дека Судот нема услови за одржување на вакви предмети бидејќи истовремено се водат и постапките за случајот „Дива Населба“, како и други притворски предмети за кои рочиштата се одвиваат во големата судница.

Колку за потсетување, рочиштата за случувањата во кумановската Дива Населба не се одржуваат во големата судница во Кривичниот суд, туку се одржуваат во големата сала на Врховниот суд.

Според Кривичниот суд, реакциите на Јанева се нервозни бидејќи досега Судот не бил причина за одложување на деветте главни расправи, колку што вкупно биле закажани за овој предмет.

„Што се однесува до прашањето на присутниот обвинител зошто на денешната расправа не бил повикан сведокот што го бара Обвинителството, конкретниот предмет се води според новиот Закон за кривичната постапка, а самата постапка  налага на првата главна расправа да се дадат воведни зборови на странките, односно на обвинителот и на одбраната, а дополнително да се повикуваат сведоци и да се изведуваат докази, па токму затоа и на денешното судење, во согласност со ЗКП, не било предвидено повикување на сведоци, особено што Судот е тој што одлучува дали и кои сведоци ќе бидат повикани, а не обвинителот. Тоа не е случај само во конкретниот предмет, туку овој суд на идентичен начин постапува и во секо друго судење“, велат од Судот.

Судењето за предметот „Пуч“ денеска беше одложено за 1 ноември поради болест на еден од поротниците. Во Кривичниот суд беа присутни обвинетите и нивните бранители и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.