/ Прочитано:

1.610

Кршење на човековите права во Јужен Судан

Според извештајот, постојат 114 случаи на убиства на цивили во судирите помеѓу Народната ослободителна армија на Судан и здружените милитанти, базирани врз етничка основа. Во тие случаи се опишани напади врз населението како сексуални насилства врз жени и девојчиња со изразена бруталност, напади при одржување на погреби,  бомбардирање на цивили, уништување на имотот на населението.

Одделот за човекови права на Мисијата на Обединетите нации во Јужен Судан минатата недела, по долгогодишно истражување, изготви извештај за прекумерното кршење на човековите права во оваа држава. Извештајот се однесува на областа Централна Екваторија во градот Јеи Таун во врска со кршењето на човековите права поради насилствата помеѓу власта и опозицијата предводена од Рик Мачар.

Според извештајот, постојат 114 случаи на убиства на цивили во судирите помеѓу Народната ослободителна армија на Судан и здружените милитанти, базирани врз етничка основа. Во тие случаи се опишани напади врз населението како сексуални насилства врз жени и девојчиња со изразена бруталност, напади при одржување на погреби,  бомбардирање на цивили, уништување на имотот на населението.

Покрај ваквиот тип кршење на човековите права, забележано е и масовно иселување на десетици илјади цивили кои поради етнички мотивираното насилство биле принудени да ги напуштат своите домови.

Документираните случаи упатуваат дека насилствата што ги извршила Народната ослободителна армија на Судан се случиле поради тоа што Владата не дозволила истрага во областа каде што се случуваат судирите.

Ситуацијата во Судан е критична со години. Минатиот месец официјалниот претставник на ОН во Јужен Судан, Јуџин Овусу, предупредил дека без мир во државата, хуманитарните услови ќе продолжат да се влошуваат, а исто така упатил и апел до власта и опозицијата за заштита на цивилното население и хуманитарните работници кои се наоѓаат таму.

Јужен Судан, чија независност беше призната во јули 2011 година, постојано е во состојба на граѓанска војна. Во март оваа година, Комисијата за човекови права при ОН предупреди дека во државата мора да се обезбеди функционирање на судовите и обвинителствата, за да се поднесат обвиненија против сторителите на кривичните дела во однос на кршењето на човековите права.

Мисијата на Обединетите нации во Јужен Судан во јули 2016 година евидентирала најголем прогон на цивилното население и етничко чистење.

С. М.