/ Прочитано:

341

КСЗД: 523 предмети за заштита од дискриминација отворени во 2023 година

Соопштение од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД)

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), денес, 21.5.2024 година, го презентираше Годишниот извештај за работата за 2023 година. Овој извештај ги содржи постигнувањата и реализираните активности на Комисијата за претходната година.

Во текот на 2023 година, КСЗД работеше на вкупно 599 предмети за заштита од дискриминација, од кои 523 отворени во 2023 г. и 76 предмети пренесени од претходната 2022 година. Бројката од 523 нови предмети претставува апсолутен годишен рекорд во досегашното работење на Комисијата и во неа се вбројуваат 520 претставки за заштита од дискриминација поднесени до Комисијата од страна на граѓани, граѓанските организации и други правни лица, како и 3 постапки по службена должност.

Граѓаните во 2023 година, до Комисијата најчесто се обраќаа заради заштита од дискриминација во областа на јавното информирање и медиуми, а потоа во работата и работните односи, образованието и пристапот до добра и услуги. КСЗД постапуваше по секоја од поднесените претставки поединечно и беа донесени 521 одлука, од кои 117 правни мислења, но и 344 заклучоци за отфрлање на претставката или непостапување односно запирање на постапката – најчесто заради ненадлежност и неуредност на поднесоците. Тоа укажува дека, иако се забележува зголемена видливост на Комисијата како адреса на која граѓаните бараат заштита на своите права, постои низок степен на запознаеност на граѓаните за надлежностите на КСЗД и задолжителните елементи на претставките.

Од друга страна, постапувајќи по поднесените претставки, Комисијата во 2023 година, донесе 59 мислења во кои утврди дискриминација и упати препораки за нивно отстранување од кои во 21 од случаите беше утврдена дискриминација во потежок облик, односно како интерсекциска, продолжена, повеќекратна и повторена дискриминација. Во утврдените случаи, дискриминацијата била најприсутна во областа на работата и работните односи, потоа јавното информирање и медиуми, а утврдена е и во областите: пристап до добра и услуги, образование, спорт, правосудство и управа, членување и дејствување на здруженија на граѓани или други организации засновани на членство, здравствено осигурување, домување, право на јавен собир и дејствување и работа на општински совет. Во случаите, КСЗД констатираше повреда на правото на еднаквост врз 25 различни дискриминаторски основи, а најчеста утврдена основа за дискриминација била лично својство и општествен статус, по што следат основите сексуалната ориентација, родовиот идентитет, националната или етничка припадност, политичкото уверување, полот и припадноста на маргинализирана група.

Претставките на граѓаните и постапувањето по истите е еден од суштинските надлежности на дел од работењето на КСЗД и дел од нив се содржани во извештајот како примери од праксата. Истите ни даваат увид во состојбите, можност за препознавање на трендови, а во одредени случаи откриваат и системски проблеми, за чие решавање е потребна меѓуинституционална соработка и делување на повеќе ресори.

По упатена препорака од страна на КСЗД, Собранието на РСМ го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, со што им се овозможи на лицата кои не поседуваат имот или немаат можност да обезбедат докази за сопственоста на имотот или договор за закуп и поради тоа остануваа без пријавена адреса за живеење, а со тоа и без лична карта, да си го решат ова прашање.

Тргнувајќи од законската надлежност за упатување на општи препораки во случаи на дискриминација на поголем број лица, КСЗД во извештајниот период упати четири општи препораки за заштита од дискриминација до надлежните институции, и тоа:

–              до Управата за извршување на санкции и Министерството за образование, да обезбедат системски, одржлив и континуиран пристап до задолжително образование на сите осудени лица на кои им е изречена заводска воспитна мерка – упатување во воспитно-поправен дом;

–              до Управата за извршување на санкции и другите релевантни органи, да обезбедат еднакво остварување на правото на прогесирање во установите на казнениот систем на сите осудени лица без разлика на нивниот пол;

–              до Владата на РСМ и Министерството за образование и наука да обезбедат системски, одржлив и континуиран пристап до правото на користење бесплатен јавен превоз на редовните студенти запишани на додипломски студии на приватните универзитети во државата;

–              до Собранието на РСМ да изгласа измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување за отстранување нееднаков третман кон индивидуалните земјоделки во остварување на право на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство и привремена спреченост за работа поради болест.

КСЗД го следи извршувањето на мислењата и препораките за конкретните случаи на дискриминација се’ до исполнување на препораките. Во случај истите да не бидат исполнети има законска обврска да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до надлежен суд. Заради непостапување по препораките на Комисијата, во 2023 година, поднесени се 14 барања за поведување на прекршочни постапки против утврдени дискриминатори. Донесена е една пресуда на од основен суд со која прогласи за виновен и изрече прекршочна санкција против лице кое не постапи по препорака на КСЗД во законски утврдениот рок за постапување.

Во извештајниот период, КСЗД дејствуваше како пријател на судот (amicus curiae) во судската постапка од јавен интерес (actio popularis) пред Основниот Граѓански суд Скопје поведена од Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје. Исто така, во декември 2023 година, Апелациониот суд Скопје ја потврди пресудата на Основниот граѓански суд Скопје, со која е утврдено дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија (ДИК) сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас, за која судска постапка КСЗД исто така учествуваше како пријател на судот.

Во 2023 година, донесена е Стратегија за превенција на структурната дискриминација и промоција на принципот на еднаквост на КСЗД со која се идентификуваат причините за одделни облици на структурна дискриминација, на кои начини структурната дискриминација може да се препознае и што може КСЗД да направи во насока на спречување на дискриминацијата, но и промоција на принципот на еднаквост во своето работење и функционирањето на другите институции.

Годишниот извештај за 2023 година, дава јасен и структуриран преглед на имплементирањето на надлежностите на КСЗД и изобилува со статистички податоци во форма на графикони и табели. Исто така, прикажани се и статусот, раководството, надлежностите и организационата структура на Комисијата, реализираните активности за подобрување на квалитетот во работењето, остварената соработка со други институции и организации од земјата и од странство, медиумската присутност, како и буџетското и финансиското работење.

Целиот извештај, на македонски, на албански и на англиски јазик, можете да го добиете на следните линкови:

https://kszd.mk/wp-content/uploads/2024/05/%D0%93%D0%BE%D0%B4%D0%B8%D1%88%D0%B5%D0%BD-%D0%B8%D0%B7%D0%B2%D0%B5%D1%88%D1%82%D0%B0%D1%98-%D0%BD%D0%B0-%D0%9A%D0%A1%D0%97%D0%94-%D0%B7%D0%B0-2023-%D0%B3%D0%BE%D0%B4%D0%B8%D0%BD%D0%B0.pdf

https://kszd.mk/wp-content/uploads/2024/05/Raport-vjetor-i-KPMD-se-per-vitin-2023.pdf

https://kszd.mk/wp-content/uploads/2024/05/Annual-Report-of-CPPD-for-2023-.pdf