/ Прочитано:

328

КСЗД: Четири општи препораки до институциите за отстранување на системска дискриминација кон лицата со попреченост

Наместо со формални честитки за одбележување на 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација реши на овој ден посветен на најмаргинализираната група во нашето општество да дејствува проактивно и објави општи препораки до институциите.

Комисијата објави четири општи препораки до институциите за отстранување на системска дискриминација кон лицата со попреченост, со цел унапредување и заштита на правата обезбедени со ратификацијата на конвенцијата на ОН за права на лицата со попреченост.
Првата општа препорака се однесува на унапредување на правото на здравствена заштита и пристапот до вакциналните пунктови на лицата со попреченост во услови на пандемија.

Втората е насочена кон унапредување и заштита на човековите права и достоинство на осудените лица со попреченост и почитување на нивниот физички и ментален интегритет за време на издржувањето на казните во казнено-поправни установи и казнено-поправните домови.

Третата општа препорака објавена од КСЗД е за обезбедување на пристапност и соодветно приспособување на и во гласачките места, со што ќе се овозможи еднаков пристап на лицата со физичка попреченост до и во гласачките места ширум земјата.

И последната, четврта општа препорака објавена денес се однесува на имплементацијата на одредбите содржани во Конвенцијата за правата на лицата со попреченост во соодветното домашно законодавство со цел да се обезбеди и промовира остварувањето на човековите права и слободи на сите лица со попреченост без каква било дискриминација врз основа на попреченост.

Комисијата потенцира дека во државата се уште нема регистар колку лица со попреченост има, во кои делови и со каков вид на попреченост се соочуваат. КСЗД побара од Министерството за труд и социјална политика во најкус рок да формира регистар на лица со попреченост според степен и вид за да може да се проектираат реални и ефикасни политики и мерки. Се бара и сите одредби од Конвенцијата за заштита на овие лица да бидат вградени во домашното законодавство и тоа во што покус период.

Општа препорака – унапредување на правото на здравствена заштита и пристапност до вакцинални пунктови: https://bit.ly/31snF5T
Општа препорака – унапредување и заштита на правата и достоинството на осудените лица со попреченост: https://bit.ly/3Gac5Lr
Општа препорака – обезбедување на пристапност на и во гласачките места: https://bit.ly/3DmPLfT
Општа препорака – имплементација на одредбите од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост: https://bit.ly/3Ge7fwC

М.В