/ Прочитано:

1.207

Куќниот притвор на Талески повторно на јавна седница на Апелациониот суд

На седницата одржана на крајот на јуни, одбраната побара укинување на мерката куќен притвор за градоначалникот поради тоа што за ваква мерка треба да постои разумно сомневање за сторено кривично дело што, според одбраната, не било случај со предметот што го води СЈО против Талески.

Владимир Талески на распит во СЈО

Во Апелациониот суд во Скопје денеска ќе се одржи јавна седница на која повторно ќе се разгледува одлуката за куќниот притвор на градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески.

Како што потврдуваат од Специјалното јавно обвинителство, одбраната вожила жалба на решението на Кривичниот суд за продолжување на куќниот притвор на Талески. Тој веќе втор месец е во куќен притвор, но неодамна обвинителите од СЈО проверуваа дали извршува градоначалнички службени работи од дома, поради што може да побараат построги мерки за обезбедување на присуство.

Куќниот притвор на Талески истекува на 20 август. Обвинителството првично бараше определување на мерката притвор.

Ова ќе биде втора јавна седница во Апелациониот суд која се однесува на притворот за Талески.

На седницата одржана на крајот на јуни, одбраната побара укинување на мерката куќен притвор за градоначалникот поради тоа што за ваква мерка треба да постои разумно сомневање за сторено кривично дело што, според одбраната, не било случај со предметот што го води СЈО против Талески.

Минатиот месец Талески беше на распит во СЈО и изјави дека работел законски и дека случајот што се води против него е политичка хајка конструирана врз основа на еден разговор од прислушуваните материјали.

Талески и уште 22 лица опфатени во предметот „Транспортер“ се осомничени за злоупотреба на 360 илјади евра при незаконско организирање на училишниот превоз во Битола.