/Прочитано:

8.149

Културното наследство – темелна вредност на Република Македонија

Меѓународниот комитет на ИКОМОС (ICOMOS – International Council on Monuments and Sites) го прославува 18 април како Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, востановен на 22. седница на Генералната конференција на УНЕСКО во 1983 година.

Потребно е подигање на свеста за значењето на културното наследство

„Културното наследство и одржливиот туризам“, во согласност со Меѓународната година на ОН на одржлив туризам за развој, е тема на годинашното одбележување на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, кој го одбележуваат националните комитети на ИКОМОС (ICOMOS – International Council on Monuments and Sites) во 108 земји во светот.

„Меѓународниот ИКОМОС преку своите национални и меѓународни научни комитети сака да ги поттикне локалните заедници и нивните жители за важноста на културното наследство за нивниот живот, идентитет и општеството и да ја промовира грижата за неговата различитост и ранливост и напорите за негова заштита и конзервација. Размената на перцепциите за значењето на културното наследство и неговите вредности, додаваат од ИКОМОС, за локалното население и посетителите и за инцијативите за одржливиот туризам може да го поттикне општеството и да го зајакне чувството за местото/локацијата, нивното чувство за самопочит и нивниот идентитет “, велат од ИКОМОС Македонија.

Mакедонскиот национален комитет за споменици на ИКОМОС е основан на 24 февруари 1994 година, по иницијатива на 43 конзерватори од Македонија, како „Конзерваторски еснаф на Македонија“. ИКОМОС Македонија е огранок на Меѓународниот совет за споменици и локалитети, со седиште во Париз.

Подигање на свеста за значењето и вредностите на културното наследство во Македонија, како значајна превентивна активност, системска едукација и специјализација на конзерваторскиот кадар во Република Македонија, користење експертски совети во доменот на третманот на културното наследство на Р Македонија и ефектуирање на мониторинг мисијата за состојбата на културното наследство, како елемент на превентива, односно идна приоритетна активност во доменот на заштита на културното наследство, се едни од целите на Mакедонскиот национален комитет ИКОМОС.

Културното наследство е темелна вредност на Република Македонија

Во член 56 од Уставот на Република Македонија се пропишува дека сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Законот за заштита на културното наследство дефинира дека културно наследство во смисла на овој закон се материјални и нематеријални добра кои, како израз или сведоштво на човековото творештво во минатото и сегашноста или како заеднички дела на човекот и природата, поради своите археолошки, етнолошки, историски, уметнички, архитектонски, урбанистички, амбиентални, технички, социолошки и други научни или културни вредности, својства, содржини или функции, имаат културно и историско значење и поради нивната заштита и користење се наоѓаат под правен режим во согласност со овој и друг закон.

Културното наследство, се вели во овој закон, е темелна вредност на Република Македонија што се заштитува во секакви околности. Заштитата на културното наследство е од јавен интерес и се остварува задолжително на целата територија на Република Македонија.

Правото на сопственост на културно наследство

Во Законот за заштита на културното наследство се регулира и прашањето за правото на сопственост на културно наследство. Предмет на правото на сопственост, се определува во законот, може да биде недвижно и движно културно наследство.

Културното наследство може да биде во сопственост на Република Македонија (државна сопственост), на  единиците на локалната самоуправа и на други правни лица и физички лица.

Културно наследство и добро за кои основано се претпоставува дека претставуваат културно наследство што ќе се најде во земја или вода, без оглед дали е извадено, се смета дека се во државна сопственост. Во други случаи, се определува во Законот за заштита на културното наследство, во поглед на правото на сопственост се применуваат прописите за стекнување на сопственост на најдени ствари.

Културно наследство во државна сопственост се смета и движно културно наследство чиј сопственик на несомнен начин ќе изрази волја дека не сака повеќе да го држи, односно дека го напушта и недвижно културно наследство, за кое правото на сопственост ќе биде избришано врз основа на изјава за откажување од сопственост дадена од сопственикот во форма на исправа погодна за упис на правото во јавната книга за запишување на правата на недвижностите, при што правото на сопственост на Републиката ќе биде запишано врз основа на таквата изјава, по извршеното бришење на правото на дотогашниот сопственик.

За културно наследство во државна сопственост се смета и културно наследство чиј сопственик не е познат, во рок од десет години доколку се работи за недвижно добро, односно во рок од три години, доколку се работи за движно добро, сметано од денот на донесување на решението за определување старател на таквото добро.

Исто така, Република Македонија може да стекне право на сопственост на движно и недвижно културно наследство по пат на наследување.

Кривични дела против културното наследство и природните реткости

Во Законот за заштита на културното наследство се забранува оштетување, уништување, присвојување, прикривање, затајување и узурпација на културното наследство, отуѓување на државно културно наследство од особено значење, извоз на културно наследство од особено значење и реквирирање, репресија, напад и користење на културното наследство за воени цели.

Дваесет и четвртата глава од Кривичниот законик се однесува на кривичните дела против културното наследство и природните реткости.

„Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, „Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“,  „Отуѓување на културно наследство од особено значење во државна сопственост“, „Внесување на противправно прибавени добра под привремена заштита, културно наследство и природни реткости“ и „Неовластена трговија со добра под привремена заштита, културно наследство и природна реткост“, се дел од кривичните дела против културното наследство предвидени во Кривичниот законик.

М.В