Квалитетот на услугите на операторите отсега под лупата на АЕК
Вторник, 16 април 2013 – Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) од денеска стартува со мерење на квалитетот на мрежата на телекомуникациските оператори во земјава. Со новиот правилник на АЕК, операторите треба да исполнуваат минимум параметри на услугите што им ги даваат на граѓаните.
Новата мерна опрема е поставена на Зајчев рид и со неа АЕК ќе ги мери сите параметри на услугите што ги даваат операторите, од сигналот на мобилните оператори, времето на воспоставување на повикот, мртвите повици, брзината на интернетот па сè до телевизиските сигнали…
Ако квалитетот на услугите не содејствува со минимум параметрите што се пропишани во новиот Правилник што АЕК го изготви пред неколку месеци, операторите ќе добијат казна во висина од 7 до 10 отсто од годишните приходи
Граѓаните пак кои не се задоволни или се сомневаат дека избраниот оператор не го исполнува договореното, можат да повикаат тим на АЕК која ќе изврши мерење и ќе го утврди квалитетот на услугата.