КЗД: Барањето потврда дека едно дете е вакцинирано при запишување во градинка и во училиште не е дискриминација
Барањето потврда дека едно дете е вакцинирано со МРП-вакцина при запишување во градинка и во училиште не претставува дискриминација врз ниту една основа, вклучително уверување, здравствена состојба, како и религија и верско уверување, а во однос на децата кои се вакцинирани со МРП-вакцина, истакнуваат од Комисијата за заштита од дискриминација.
Комисијата смета дека не постои дискриминација бидејќи мерката има легитимна, објективно оправдана цел, во согласност со членот 5 точката 8 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
„Мерката не е спротивна на Уставот и на одредбите на меѓународните договори. Мерката соодветствува со реалните потреби бидејќи е прогласена епидемија и е загрозен животот и здравјето на детето, животот и здравјето на другите деца кои се во контакт со детето во училиште или во градинка, како и во функција на јавното здравје. Мерката е однапред прецизно дефинирана бидејќи е донесена според претходно предвидена процедура и од соодветни органи и сите родители и старатели се информирани на ефикасен начин и мерката е пропорционална на ефектите што треба да се постигнат.
Исто така, не постои дискриминација од страна на органите на управата и градинките со мерката за забрана на запишување и прием на деца кои не се вакцинирани и задолжителна вакцинација на децата од училишна возраст.
Треба да се земе предвид обврската на државата како земја членка на Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, документ со кој преку членот 12 се обврзува на имунизација на своите граѓани. Исто така, Републиката се има обврзано да го почитува и членот 15 од овој пакт, којшто им овозможува на граѓаните да ја уживаат користа од научните достигнувања и развојот коишто, меѓу другото, ги вклучуваат и вакцините кои придонесуваат за превенција од заразни заболувања“, велат од Комисијата.
Комисијата упатува и на обврската Републиката да го гарантира правото на живот на секој човек, гарантирано со Уставот и со членот 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, како и правото на живот на секое дете, гарантирано со членот 6 од Конвенцијата за правото на детето.
„Комисијата го почитува правото на родителите и на старателите во немешањето во нивниот приватен и семеен живот кое, меѓу другото, подразбира и одлучување за преземање активности кои се во интерес на нивните деца. Но, ова право е ограничено и со членот 8 став 2 од ЕКЧП, меѓу другото, и со заштитата на здравјето. Вакво ограничување постои и во членот 9 став 2 од Конвенцијата, а кое се однесува на ограничување на слободата на мисла, совест и вера. Комисијата во општото мислење се раководеше и од едно од главните начела на Конвенцијата за правата на детето – преземање мерки од страна на јавните власти во најдобар интерес на детето“, се истакнува во мислењето на Комисијата.
Задолжително доставување потврди за вакцинален статус при упис во училишни и предучилишни установи
Граѓанската иницијатива за законски измени за незадолжителна вакцинација во собраниска процедура
Вакцинацијата од уставноправен аспект во една од одлуките на Уставниот суд
М.В