/ Прочитано:

795

Ла Ру: Во Македонија се заплашуваат критички настроените медиуми

Петок, 21 јуни 2013 – Македонија општо земено има прогресивно законодавство, проблемот е со спроведувањето на законите и со позитивната практика во јавноста, за подрачјата кои ја гарантираат слободата на медиумите и изразувањето. Ова го заклучи специјалиот известувач за слобода на мислење и изразување на ОН Франк Ла Ру по неколкудневната посета на земјата. 

Ла Ру констатирал дека постои атмосфера на заплашување против каква било форма на критички печат кој има конкретни прашања на истражување или критика против актуелните функционери во власта.

Без да навлага во кривичната постапка во случајот со А1, Ла Ру ги наведе начинот на затворањето на оваа телевизија, потоа неделникот „Фокус“ и неспроведувањето истрага за смртта на неговиот уредник Никола Младенов, како и случајот со тужба против новинари на „Фокус“ од страна на директорот на УБК Сашо Мијалков за пренесена изјава, како четири случи во кои препознал заплашување на новинарите кои се критички ориентирани.

Специјалниот известувач им порача на новинарите да не се плашат и да бидат независни. За него е непојмливо новинар кој наводно идентификувал заштитен сведок, да е притворен или да нема истрага за смрт на новинар кој загинал во сообраќајна несреќа, асоцирајќи на случаите со Кежаровски и Младенов.

„Ова прашање го покренав пред Врховниот суд, пред министерствата за внатрешни работи и за правда и пред државниот обвинител. Сите ми го кажаа истото дека оваа несреќа не се истражува кривично затоа што се чини дека е сообраќајна несреќа. Се чини дека постои страв околу истражување на овој случај и страв да се открие“, рече Ла Ру.

Тој истакна дека не добил дозвола да го посети притворениот новинар Томислав Кежаровски.

Целосниот Извештај на специјалниот пратеник на Обединетите нации треба да биде готов до првата половина на 2014 година.