/ Прочитано:

6.327

Легендарниот овчар Иснифарис Џемаили повторно приведен: Oд 3,5 – годишната затворска казна досега одслужил само 4 месеци

Среда, 23 јануари 2013 – Припадниците на СВР Скопје во текот на изминатава недела врз основа на судски наредби на подрачјето на главниот град лоцираа и приведоа седум лица осудени на затворски казни со правосилни судски пресуди во вкупно времетраење од 13 години затвор. Меѓу приведените е Иснифарис Џемаили, во јавноста познат по случајот „Бачило“ кој со правосилна пресуда беше осуден на казна затвор од три и пол години.

Врз основа на судски наредби приведени се следните лица: Идавер Б. (58) од Скопје осуден на затворска казна од една година за кривично дело – „тешка кражба“; Марин П. (45) од Скопје за издржување едногодишна затворска казна за кривично дело – „тешка кражба“; Митко С. (42) од Скопје осуден со правосилна судска пресуда на една година затвор за кривично дело – „тешка кражба“; потоа Љупчо З. (38) од Скопје осуден на затворска казна од три години исто така за кривично дело – „тешка кражба“; Ѓоко Ѓ. (24) од Скопје осуден за кривично дело – тешка кражба“ во врметраење од една година; Дилавер Р. (53) од Скопје осуден на затворска казна во времетраење од две години и шест месеци затвор за кривично дело – „тешка кражба“; и Иснифарис Џ. (67) осуден за кривично дело перење пари и друга противправна имотна корист и злоупотреба на службена положба и овластување“ на затворска казна од три години и шест месеци затвор, соопштуваат од МВР.

Инаку правосилната пресуда со која Иснифарис Џемаили беше осуден на казна затвор од три и пол години беше донесена во 2008 година. Познатиот овчарот беше осуден бидејќи ја измами државата наплаќајки и 720 илјади евра за наводно гранатирано бачило во 2001 година. Интересно е што тој по изрекување на пресудата мистериозно исчезна од земјава, но по 2 години сам се пријави во КПУ Идризово за да ја издржува затворската казна. Од Основниот суд Скопје 1 за Академик објаснуваат дека затворската казна на осудениот на неколку пати била прекинувана поради неговата влошена здравствена состојба, по што тој бил пратен на лекување. Со оглед на тоа што Џемаили не се јавувал кај надлежниот судија бил донесен налог за негово приведување. Џемаили досега одслужил само 4 месеци од затворската казна, информираат од судот. 

По 7 години беше завршена и судската постапка со која беа симнати сите хипотеки и поништени сите фиктивни договори кои Иснифарис Џемаили ги потпишал за неговиот имот. Имено, неодамна десет станови во Скопје, и деловен простор во вредност поголем милион евра  кој беа во сопственост на Џемаили беа конфискувани.