Лекарите – специјализанти велат „НЕ“ за законските измени за здравствената заштита
Лекарите-специјализанти и идните специјализанти преку мирен протест, кој се одржа денеска пред Министерството за здравство, го изразија своето незадоволство од новите измени на Законот за здравствена заштита.
„Законските измени поминаа без ниту едно исполнето барање од Петицијата потпишана од 350 лекари-специјализанти и идни специјализанти. Денес го кренавме гласот и јасно кажуваме НЕ за видеоснимање и емитување во живо на сите наши испити, за работа без скршен денар плата, без здравствено и пензиско осигурување, за лихварски договор на лојалност и меници од 60.000 евра, за дежурства што не се платени, за дискриминација врз основа на боледување и породилно отсуство, за дискриминација, за обесправеност и за јавно понижување и деградирање на лекарите-специјализанти!“, истакнаа на протестот лекарите-специјализанти.
Лекарите-специјализанти и идните специјализанти ги предочија своите забелешки против измените на Законот за здравствена заштита, за кој истакнуваат дека ги дискриминира и ги деградира.
Во однос на законските решенија, лекарите велат дека, според членот 96 од Законот за заштита на лични податоци, секоја јавна институција или контролор има право да врши видеонадзор во службени или деловни простори, но само „ако тоа е потребно за: заштита на животот или здравјето на луѓето, заштита на сопственоста, заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата, или обезбедување на контрола на влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории“.
„Видеоснимањето за време на испитите не претставува видеонадзор со вакви цели и објавувањето на снимката на Интернет и оставањето да стои достапна до пошироката јавноста подолго време е апсолутно кршење на приватноста гарантирана со членот 3а од Законот за заштита на личните податоци“, нагласуваат лекарите.
„Одредбата со која спроведувањето на специјалистичкиот стаж е дозволено да се прекине врз основа на боледување или повреда, најмногу до 12 месеци, и врз основа на бременост, мајчинство и породување, најмногу до 24 месеци, е несоодветна и комплетно дискриминаторска!“, додаваат тие.
Лекарите – специјализанти бараат да се овозможи остварување на правото за паричен надоместок за извршена работа за сите специјализанти на приватна специјализација и со почитување на работничките права и со, како што нагласуваат, сите обврски, но и со сите права од ЗРО.
„Потребни се корекции на Законот така што ќе се обезбеди еднаков надоместок за дежурства за сите специјализанти, како за приватните специјализанти така и за државните специјализанти, кои исто така во моментов не добиваат надоместок за дежурства во установите во кои не се вработени“, велат лекарите.
Од облигационен аспект, посочуваат тие, штетен е договорот за лојалност затоа што востановува „лихварски однос меѓу работодавецот и корисникот на специјализацијата“.
„Во вака нормираната одредба постои очигледна диспропорциналност на финансиската обврска (сума) која специјализантот би требало да ја врати, наспроти реално потрошените средства, со што повеќе се цели кон нагласување на строгата казнена димензија при евентуално кршење на договорот наместо соодветно димензионирано обесштетување на давателот на средствата. Нашите плати се чесно и макотрпно заработени, а сѐ што вложува државата во нас е сумата за школарина за специјализација, најмногу до 12.000 евра!“, подвлекуваат лекарите-специјализанти.
М.В / veljanoskim@akademik.mk