ЛГБТ заедницата бара одговори од МВР за преземените мерки против заканите и насилствата

Среда, 26 јуни 2013 – Здруженијата за заштита на правата на маргинализираните заедници во обраќањето до МВР бара информации за преземените мерки за насилствата, говорот на омраза, уништување на имот и закани по живот врз активистите на овие здруженија.

ЛГБТ заедницата пишува дека освен информацијата за „каменуваната канцеларијата на Хелсиншкиот Комитет“, во билтенот на МВР не биле достапни никакви други информации, ниту за други случаи на насилство мотивирано од омраза, ниту за говор на омраза, кој според нив, поттикнува насилство и сериозни закани по животот на ЛГБТ лицата и нивните поддржувачи. 

„Постојат многу докази кои упатуваат на сторителите, камери низ центарот на градот, камери од плоштадот, новинарски снимки и изјави, видео од нападот врз ЛГБТИ-Центарот за поддршка, сведоштва на полицајци кои директно беа жртви на насилство и беа спречени во извршувањето на нивните надлежности, коментари со закани и повици за насилство на социјалните мрежи. Поради ова, бараме најитно полицијата да постапи согласно законските овластувања и да ги идентификува сторителите на кривичните дела и очекуваме јавно соопштение за текот на истрагата и исходот од истата“, стои во соопштението.

Здруженијата за заштита на правата на маргинализираните заедници бараат информации за последниот случај на каменување на домот на актерот Петар Стојковиќ, кое уследи откако актерот пријави во МВР случаи на закани по неговиот живот.