/ Прочитано:

1.631

ЛГБТИ – Центар за поддршка: Македонија треба да усвои национална стратегија за надминување на хомофобијата и трансфобијата

Во Предлог-законот за изменување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, сексуалната ориентација и родовиот идентитет се внесени како основа за дискриминација. Очекувањата на ЛГБТИ – Центарот за поддршка и на Хелсиншкиот комитет се дека измените ќе бидат усвоени по локалните избори.

На денешната промоција на најновата публикација на ЛГБТИ – Центарот за поддршка и при презентацијата на анализата на законската рамка во однос на правата на ЛГБТИ-заедницата во Република Македонија, директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, истакна дека во Предлог-законот за изменување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, сексуалната ориентација и родовиот идентитет се внесени како основа за дискриминација. Очекувањата се дека измените ќе бидат усвоени по локалните избори.

Во подготовката на измените на Законот за спречување и заштита од дискриминација, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, со свои претставници во работните групи учествуваше и ЛГБТИ – Центарот за поддршка.

По оваа насока, директорката на Хелсиншкиот комитет изјави дека во моментов Македонија се наоѓа во период кога се одвиваат многу реформи, со цел да се воспостави владеењето на правото. Според неа, сега е вистински момент да се потсети што треба да се направи во сферата што ги третира правата на ЛГБТИ-заедницата, особено поради фактот, како што рече Пировска, дека со години наназад овие организации настојувале сексуалната ориентација да биде вклучена како основа за дискриминација, за да може понатаму и соодветно да се третира.

Во однос на минатогодишните напади кои се случуваа врз ЛГБТИ – Центарот за поддршка, Пировска посочи дека мора повторно да се поведат тие постапки пред сè за да се најдат сторителите, што според неа конечно ќе биде главен показател на политичка волја, да се стави крај на насилството врз припадници на ЛГТБИ- заедницата.

Инаку, анализата на законската рамка во однос на правата на ЛГБТИ-заедницата во Република Македонија содржи неколку дела, а според еден од авторите, Иван Менгиновски, постојат пет клучни точки во кои се неопходни итни реформи.

Тој смета дека Македонија, пред сè, треба да усвои национална стратегија за надминување на хомофобијата и трансфобијата, а потоа да се донесе стратегија која ќе ги опфати обуките на оние лица што работат со ЛГТБИ. Исто така е важно, потенцираше Менгиновски, да се формира интерсекторско тело од претставници на Владата и НВО во оваа сфера, со цел тие да ги таргетираат областите во кои се потребни реформи и мерки за сензибилизација.

Според авторот на анализата, итно е потребна и измена на Кривичниот законик, бидејќи, како што рече Менгиновски, препознава дела од омраза, но само врз верска, расна и национална основа.

„Исто така, потребни се и измени на Законот за семејство во врска со правата на истополовите двојки, со цел да добијат социјални права во вонбрачната заедница, а потоа и достигнување брачна еднаквост. Треба да се реши и прашањето за трансродовите лица, кои се најмаргинализирани. Потребно е системско признавање на промената на полот. Во Македонија има неефикасна услуга за овие лица, кога добиваат ендокринолошки и психолошки третман. Здравството не покрива операција за промена на пол, со што се крши Уставот за загарантирана здравствена заштита на овие луѓе, не постои опција за промена на матичниот број, чии две последни бројки го одредуваат полот. Мора да се смени законската регулатива која ја третира матичната евиденција. Може да се случи трансродово лице да сака да ја премине границата, но доколку не му биде сменет матичниот број, ќе има проблеми“, беше истакнато на денешниот настан.

Во оваа насока беше нагласено дека Македонија од осамостојувањето се соочува со хомофобија и трансфобија, која, како што велат во ЛГБТИ – Центарот за поддршка, се манифестира не само преку несоодветна законска рамка туку и во самата практика.

Инаку, Република Македонија хомосексуалноста ја декриминализираше во 1996 година.

А. Б.