/ Прочитано:

844

Либерализацијата на услугите потенцијал за развој на поштенската индустрија

Ефикасни услуги за достава, учество на поголем број компании на слободен пазар за обезбедување подобри и поквалитетни услуги за крајните корисници, како и имплементација на нови трендови во брзината и сигурноста на достава на поштенските пратки, како што се напредните софтверски решенија за следење на пратките се неколку важни аспекти што треба да се имплементираат за подготовка на либерализацијата на поштенските услуги што се очекува да стартува од 1 јануари 2020, а се одложува веќе 4 години.

Потпретседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Александар Милошевски, вели   дека во согласност со извештаите на Агенцијата за пошти, над 2.000 граѓани годишно поднесуваат поплаки за изгубени поштенски пратки. Во таа насока,  потребна е имплементација на нови трендови за брзина и сигурност на поштенските текови како прв чекор за навремена достава на пратките.

„За  клиентите најбитна е навремената и сигурна достава на пратки, и токму кон тоа треба да се стремат поштенските оператори. За таа цел потребна е заштита на слободната конкуренција на пазарот, унапредување на интересите на стопанството и на корисниците на поштенските услуги. Приватните поштенски оператори во Сојузот ја очекуваат долгонајавуваната либерализација на поштенскиот пазар, кој во моментот е ограничен, односно само Македонска пошта е надлежна за поштенската услуга во резервираната област за пратки со тежина до 50 грама.  Што поголема либерализација и можност за  учество на поголем број компании на слободен пазар дава можност за обезбедување подобри и поквалитетни услуги“, истакнува Милошевски.

Тој нагласува  дека живееме во време во кое онлајн трговијата сериозно се зголемува,  а поштенските оператори како крајна алатка на тој синџир треба да бидат посилни, со квалитетна услуга.

„Потенцијалот на развој на поштенските услуги во денешното дигитално време се поврзува и со сегментот на е-трговијата во Македонија која е во постојан раст. Во согласност со податоците на Народната банка, во текот на 2018 година реализирани се над 5 милиони онлајн трансакции, наспроти околу 4 милиони онлајн трансакции во текот на 2017 година, што претставува пораст од 21%. Според податоците на Државниот завод за статистика, 406 илјади граѓани купувале онлајн минатата година, а тоа е 31,6% од интернет корисниците, спрема 19,5% истиот период минатата година, што претставува пораст од 62%. Сето ова отвора поле на работа за операторите на поштенските услуги и можности за развој и напредување на поштенската индустрија“, потенцира Милошевски.

Забелешките на Европската комисија во делот на поштенската индустрија  се целосна либерализација на поштенскиот пазар во државата и продолжување на јакнење на административните капацитети на регулаторното тело. Во Македонија, според податоците на Агенцијата за пошти регистрирани се вкупно 38 даватели на услуги