ЛИЦАТА СО ХЕНДИКЕП СЕ ОДЛИЧНИ РАБОТНИЦИ: Промовиран Центарот за вработување на лица со хендикеп
Денеска беше промовиран Центар за вработување на лица со хендикеп, чија цел е лицата со хендикеп полесно и поинтензивно да се вклучат во отворениот пазар на трудот. Реализацијата на проектот, кој е со поддршка на ИПА, заеднички ја спроведуваат „Полио плус“ и Стопанската комора на Македонија.
Како што беше првично најавено, Стопанската комора на Македонија, во соработка со „Полио плус“, преку овој центар, ќе воспостави иновативен сервис за вработување на лица со хендикеп, преку стекнување практични знаења и вештини во партнерски компании на Комората, но и во самиот центар. Овој центар, велат од Комората, особено ќе придонесе за јакнење на капацитетите на бизнис секторот за вклучување на лицата со хендикеп во работниот процес.
За полесно и поинтензивно вклучување во отворениот пазар на трудот, беше истакнато на денешниот настан, потребно е компаниите да создадат соодветни услови и адекватна работна средина за нив.
„Во овој сегмент мора да работат и компаниите, да ја приспособат работната средина и да овозможат еднакво чувство на овие лица со другите вработени“, истакна Томислав Ортаковски од „Полио плус“.
„Центарот е своевиден мост кој практично треба да ги поврзе лицата со хендикеп и бизнис заедницата. Воедно, треба да ѝ помогне на државата да ја унапреди положбата за вработување на лицата со хендикеп. Лицата со хендикеп се одлични работници, но сè уште не им е овозможено да го покажат тоа“, истакна Елена Кочоска од „Полио плус“.
Кочоска посочи дека околу две илјади лица со хендикеп работат во заштитни фирми, додека 290 се во јавната администрација. Ова, нагласува Кочоска, е многу мала бројка и потребно е поголемо вклучување на лицата со хендикеп на пазарот на трудот.
Јадранка Аризанковска од Стопанската комора вели дека клучно е веќе формираниот Центар за нивно вработување да опстане и да продолжи да функционира. Основната цел на проектот кој се спроведува со поддршка од ЕУ е професионална подготовка на лицата со хендикеп, овозможување тие да стекнат дополнителни вештини, да научат повеќе јазици и сето она што значи едукативна придобивка за нивното вклучување на пазарот на трудот.
Исто така, велат од Стопанската комора, со проектот се настојува да се отворат сите работни процеси за лицата со хендикеп во заинтересираните компании, затоа што сме свесни дека колку што се битни знаењата и вештините на лицата со хендикеп, толку е и битно да се сензибилизираат компаниите и нивните менаџерски тимови за целосна и ефективна инклузија на лицата со хендикеп.
„Преку градење на капацитетите на бизнис секторот, преку ориентациски обуки за соработниците на лицата со хендикеп, но и преку константна поддршка на овие компании од страна на врвни експерти, ќе се овозможи инклузивна, професионална, пријателска и продуктивна атмосфера за сите“, посочуваат од Комората.
М.В