/ Прочитано:

1.184

Личната одговорност во замена за крупни привилегии: непотизмот ќе командува додека не го соборат конкретни закони

Принципите на идеалната постапка на вработување — отвореноста, етичноста и транспарентноста — стојат далеку од историската практика на фаворизирање семејно блиски поединци при вработувањето: непотизмот. Иако според изворните цивилизациски вредности мнозинството го смета за крајно неразумен подвиг, тој со децении е начин на живот во Македонија. Во случајот со вработувањето како еден од најгорливите општествени проблеми, општинските комитети на партијата што дошла на власт де факто дејствуваат како бироа за вработувања, вели доц. д-р Александар Колекески од Универзитетот „Евробалкан“. Антикорупциската комисија лани поднела само една иницијатива за разрешување врз основа на сомнение за непотизам. До носењето идни закони со конкретни одредници за намалување на непотизмот, улогата на судовите носи изразито голема тежина.

Се бараат најкомпетентните и најмотивираните кандидати. Треба да веруваат во сопствениот капацитет, да поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини, да покажат способност за тимска работа и да се подготвени за темелна посветеност, за силен ангажман и за нови предизвици на спроведување структурни реформи. Сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени во согласност со способностите, со образованието, со искуството и со личниот капацитет. Ќе се ангажираат само најспособните и најсоодветните кандидати. Оние што ги исполнуваат законските услови за позицијата за која се пријавиле ќе бидат повикани на интервју, дел од нив ќе бидат тестирани, а нивните податоци и препораки ќе се подложат на проверки.

Принципите што ја командуваат идеалната постапка на вработување — отвореност, етичност и транспарентност — стојат далеку од дамнешната практика на фаворизирање семејно блиски поединци при вработувањето: непотизмот. Мнозинството, според изворните цивилизациски вредности, го смета за крајно неразумен. Сепак, иако сведен на рамниште на јавна тајна, непотизмот со децении е начин на живот во Македонија. Македонското законодавство нема дадено јасна одредница за тоа што е непотизам, ниту пак има предвидено казни за неговото практикување, па вработувањата преку семејни врски, на тој начин, во голема мера поминуваат без казна. Доц. д-р Александар Колекески, истражувач во областа на општествените науки при Универзитетот „Евробалкан“, тврди дека непотизмот во Македонија е ‘вредност’ која се зема здраво за готово, а во одредени случаи е дури и очекувана состојка во редовните релации и во општењето меѓу луѓето.

„Во претходниот државен систем, непишано правило, непотизмот се сметаше за право на привилегија која ја поседува одреден моќник и ја манифестира на локално ниво. Без разлика дали станува за поситна или за крупна услуга, влијателноста на моќникот се проценува според мрежата контакти и според ‘негови луѓе’ што во реално време оперираат на теренот. Денешното општество, во тој поглед, според ништо не се разликува од претходниот систем. Напротив, односите денес уште подетално ги уредуваат партиите на власт. Во случајот со вработувањето кое е горлив општествен проблем, непотизмот се одразува на сите нивоа. Општинските комитети на партијата што дошла на власт де факто дејствуваат како бироа за вработувања, во кои постојат групирања според лојалноста. Постои и практика на генерациски трансфер на вработувања, каде што родителите се пензионираат, а на нивно место се вработуваат нивни деца, снаи или зетови, се разбира, ако и само ако се подобни за власта. Има и уште побанални манифестации на таа непотистичка ‘вредност’: деца на локални политички моќници, без разлика на талентот, добиваат награди на детски фестивали за песна, што навистина е жално“, објаснува Колекески.

Само една иницијатива поднесена од Антикорупциската комисија во 2012 година врз основа на сомнение за непотизам

Орган на државната управа што одлучува во врска со непотизмот е Државната комисија за спречување на корупцијата, којашто во овој дел работи според Законот за спречување судир на интереси и според Законот за спречување корупција. Со оглед на отсуството на каква било законска дефиниција на непотизмот, Комисијата утврдува одговорност и поднесува иницијатива до Јавното обвинителство по поднесена претставка ако има сомневање дека поединец е сторител на кривичното дело злоупотреба на службената положба. Во 2012 година, Антикорупциската комисија поднела само една иницијатива пред надлежните органи за поведување постапка за разрешување врз основа на сомнение за непотизам. Имено, Ѓ.Т., директор на Средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола, ги подредил службените должности, при што не само што не презел мерки за спречување на судирот на интереси, туку во својство на одговорно лице потпишал договор за вработување на сопругата во споменатото училиште, т.е. потпишал акт од позиција на фактички судир на интереси, што претставува незаконско дејствие.

Во пресек на овој единствен регистриран случај, наспроти многуте што останале непријавени, Колекески укажува дека индивидуата кај нас не презема одговорност, туку се очекува таа да се слее во толпата. За возврат, колективот ги рангира поединците, овозможувајќи им најразлични привилегии, без разлика дали се заслужени или не. Личната слобода и не е некоја голема вредност кај нас, туку привилегиите кои создаваат статус и углед во различните толпи кои доминираат според својата бројност.

„Што ќе му е некому лична слобода кога, на пример, може да се вработи во јавната администрација и да зема редовна плата за измислено и за сосема непотребно, но добро платено, работно место; совршено не одговара за своите постапки ако е лојален кон толпата што ти му ја овозможила таа привилегија. Во тие услови не е проблем и ако се занемари и остварувањето некое лично право за сметка на потребите на колективот што те одредува. Тој што има изразен личен став ризикува да биде отфрлен од толпата. Затоа, непотизмот во Македонија претставува гарантен влог на толпата, којашто гарантира нејзина одржливост преку елиминација на индивидуализмот и личната одговорност во замена за различни привилегии“, уверува Колекески.

Сред ваквите гледишта, сеприсутноста на непотизмот е повеќе од очигледна и уште повеќе ја засилува потребата од натамошни испитувања на овој ‘несакан’ феномен, со цел вистински да се разберат неговите негативни, а ако воопшто се препознаат, и позитивните последици. Единствено во тој случај организациите, независно од тоа дали се јавни установи или приватни компании, подобро ќе можат да носат одлуки во врска со корисноста или со штетноста на забележаните непотистички случаи. Улогата на судовите носи во тој поглед немерлива тежина: додека не зајакне политичката волја за носење поконкретни законски решенија, примената на правото за намалување на непотизмот може многу да зајакне ако досегашните пресуди донесени на таа основа и во рамките на постојните закони континуирано се подложуваат на сестрано проучување.


Автор: Далибор Стајиќ Објавен на: 31.05.2013