Личните податоци на работниците, за чие собирање од страна на работодавецот веќе не постои законска основа, мора да бидат избришани
„Веќе три месеци не работам за работодавецот, а од претходното работно место сѐ уште ја користат мојата електронска адреса за комуникација, која содржи мое име и презиме. Неодамна бев изненадена кога мој пријател ми напомена дека не сум одговорила професионално и во рок, а јас веќе одамна не работам во таа компанија. Ве молам, дали е злоупотреба на личен податок и дали може да пријавам кај вас?“, е едно од прашањата доставени до Дирекцијата за заштита на личните податоци во врска со заштита на личните податоци во работните односи.
Заштитата на личните податоци на работниците, посочуваат од Дирекцијата за заштита на личните податоци, е регулирана со Законот за работните односи. Работодавецот може да ги собира, да ги обработува, да ги употребува и да ги доставува личните податоци на трети лица само кога за тоа постои законска основа, односно заради остварување на правата и обврските од работен однос. Електронската адреса на работникот, доколку специфично содржи име и презиме во својот состав, треба да престане да се користи, односно работодавецот е должен да ја избрише или на друг начин да овозможи прекин на проток на информации и податоци од таа електронска адреса. Работодавецот е должен да одреди разумен рок до кога е потребно да биде во употреба за остварување претходно утврдени цели.
Секој работник очекува да има приватност на работното место, дури и кога ги користи работните простории и опремата на работодавецот. Се разбира, работењето за друг би значело и делумно откажување од својата приватност. На работодавецот му се потребни основните лични податоци на работникот заради плаќање придонеси, осигурување итн. Работодавецот треба да се грижи за безбедноста на работниците и за ефикасното извршување на работните задачи“, истакнуваат од Дирекцијата.
Прекршувањето на приватноста на работното место, велат од Дирекцијата, постоело и ќе постои. Во современото општество тоа е поочигледно, на пример, преку спроведување разни психолошки тестови, преку електронско пребарување на досиејата, преку видеонадзорот, со кликнување (притискање) на мониторот, со генетските тестирања, но податоците што работодавците можат да ги знаат за работниците се ограничени.
Потребата на работодавецот да знае и правото на приватност на работникот, нагласуваат од Дирекцијата, можат да се балансираат доколку собирањето, чувањето и обработката на податоците се прави точно за определена цел.
По правило, работодавецот ги обработува или ги открива личните податоци само за целта за која ги собира и ќе ги чува онолку време колку што е потребно за остварување на таа цел. Исклучок е кога работникот ќе се согласи неговите лични податоци да се користат за друга цел или доколку постои правна основа за тоа.
Личните податоци на работниците, за чие собирање веќе не постои законска основа, нагласуваат од Дирекцијата, мора да бидат избришани и да престанат да се употребуваат.
Во согласност со Законот за евиденција во областа на трудот, работодавецот може да води евиденција за работниците во врска со следните податоци: име, татково име и презиме на работникот; единствен матичен број на граѓанинот; ден, месец и година на раѓање; место на раѓање; пол; живеалиште и адреса; припадност на заедницата; место на работа; степен и вид на завршено образование; степен на стручна подготовка; работно време на работникот; стаж на осигурување до стапување на работа кај работодавецот; траење на работниот однос; дали е трудов инвалид; датум на засновање на работниот однос; датум на престанок на работниот однос.
За секоја промена на личните податоци, работникот е должен да го извести работодавецот во рок од 15 дена од настанатата промена. Од Дирекцијата истакнуваат дека работодавецот треба да го запознае работникот кои лични податоци ги обработува, зошто ги обработува и за која цел ќе ги користи. Обработувањето на личните податоци и нивното откривање е можно само со претходна согласност на вработениот.
Работодавецот треба да ги обработува само оние лични податоци што се потребни за одредена цел и тоа да биде законски (во согласност со законот). Досието со лични податоци на вработениот треба да е точно, целосно и ажурирано и да не содржи преголем обем на податоци, што е чест случај, на пример незаконско собирање фотокопии од лични карти, па дури и фотокопии од патни исправи.
Правни инструменти за заштита на личните податоци од злоупотреба и повреда на правата
М.В