/ Прочитано:

2.600

„ЛИКВИДАЦИЈА“ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА: Меѓународните новинарски здруженија бараат ослободување на Кежаровски

Петок, 24 октомври 2014 – Апелациониот суд Скопје денеска на Јавна седница ќе ги разгледува жалбите против првостепената пресуда за обвинетите во случајот „Ликвидација“ со која тие беа осудени на  затворски казни во распон од една година до пет и пол години.  Меѓу обвинетите е новинарот на весникот „Нова Македонија, Томислав Кежаровски, но и судии, обвинители, адвокати.

Во обвинението се споменуваат повеќе судски предмети со кои обвинетите на најразлични начини кореспондираат, а меѓу нив и крајно контроверзниот случај „Ореше“ кој и по повеќе години се’ уште нема разрешница.

Првообвинет е велешкиот судија Иле Танев, кој се товари за примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителниот акт, тој во текот на 2008 година како службено лице судија во Основен суд Велес и претседател на кривичниот совет, побарал од обвинетиот Сабедин Џини-Хофман  поткуп во износ 2.000 евра за да гласа за укинување на притвор во предмет, каде, пак, како обвинет за разбојништво се јавува заштитениот сведок во „Ореше“ Златко Арсовски заедно со уште едно лице.

Танев кој е судијата што на два пати донесе осудителна, а во третиот наврат ослободителна пресуда за обвинетите во случајот „Ореше“, исто така е обвинет дека со искористување на својата службена положба ги повредил правата на обвинетите браќа Љупчо и Ордан Георгиевски. Тој наводно ја искинал веќе залепената  доставницата за пресудата и наместо неа залепил нова со нов невистинит датум, со цел обвинителот и обвинет во овој предмет Ивица Ефремов кој го пропуштил рокот, да поднесе жалба за висината на казната.

  • Со првостепената пресуда, Иле Танев е осуден на 1 година и 6 месеци за примање поткуп, 1 година и 6 месеци за злоупотреба на службената положба и овластување, односно единствената затворска казна од 2 години и 6 месеци. 

Сабедин Џини-Хофман е обвинет дека земал поткуп. Тој наводно на братот на Златко Арсовски, му ветувал дека Танев како негов „близок пријател“ и како судија и претседател на кривичен совет може да гласа за укинување на притворот на Арсовски, но дека за таа услуга тој бара 2.000 евра. Според обвинителството, тој во име на Танев во два наврата земал 1.500 евра, наместо договорените 2.000 евра.

  • Со првостепената пресуда,  Сабедин Џини-Хофман е осуден на 1 година и 6 месеци за примање поткуп. 

На поранешниот истражен судија Валентин Зафиров на на товар му се ставаат делата: неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица и противзаконско посредување. Според обвинението, тој во 2008-ма година под  псевдонимот „Бреза“ го сослушал тогаш загрозениот сведок Арсовски, а записникот со телефонскиот број на загрозениот сведок, иако знаел дека внел податоци што можат да доведат до идентификација,  им го дал на адвокатите во случајот „Ореше“.

„Потоа, без знаење и овластување на Одделението за заштита на сведоци, заедно со уште едно лице отишол во затворот во Штип, каде загрозениот сведок, два дена претходно бил пренесен од затвор „Скопје“ Скопје“, се наведува во обвинението.

Зафиров при оваа посета, наводно на тогашниот директор на штипскиот затвор Трајко Димков му рекол дека Златко Арсовски бил сослушуван како загрозен сведок, но било пропуштено да го потпише записникот со неговото вистинско име. Кога загрозениот сведок дошол во канцеларијата на директорот, наводно му рекол да го потпише записникот со вистинското име, а доставницата со псевдонимот „Бреза“ – на овој начин истражниот судија, според обвинителството, спротивно на законот го оддал вистинскиот идентитет на загрозениот сведок.

  • Со првостепената пресуда,  Валентин Зафиров е осуден на 5 години затвор за неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица и 1 година затвор за протививзаконито посредување, односно единствената затворска казна од 5 години и 6 месеци. 
Новинарот Томислав Кежаровски е обвинет за неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица бидејќи во 2008-тата година два последователни броеви на ревијата „Репортер 92“ објавил копија од записникот каде стоел исказот на заштитениот сведокот во случајот „Ореше“, неговото име, како и неговиот телефонски број. Според обвинението, по објавувањето на новинарските написи, Арсовски имал притисоци, па затоа се создало друга ситуација каде сведокот подоцна сам си го открива идентитетот и го менува исказот. Според наводите на обвинителството, обвинетиот Павловски – „Тица“ и семејството на обвинетите во „Ореше“ од написот на Кежаровски осознале кој е загрозениот сведок и му вршеле притисок на „Бреза“ да го смени исказот, по што на крајот наводно се создава ситуација во која тој го открива својот идентитет и го менува исказот.
  • Со првостепената пресуда, Томислав Кежаровски е осуден на 4 години и 6 месеци за неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица. 

На обвинителот Ивица Ефремов му се суди за случај поврзан со недозволено поседување и тргување на оружје: наводно поттикнат обвинетиот Зафиров се обидел да влијае кај својата колешка од велешкото Обвинителство, Славица Темелковски, таа да поднесе обвинителен акт без предлог за продолжување на мерка притвор.

На Ефремов исто така му се става на товар дека неовластено држел поголемо количество на оружје во својата куќа.

  • Со првостепената пресуда, Ивица Ефремов е осуден  на 1 година затвор за противзаконито посредување, 1 година и 6 месеци за злоупотреба на службената положба и овластување и 3 години затвор за  недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали, односно единствената затворска казна од  4 години и 6 месеци.  

Јане Павловски – „Тица“, пензионираниот врховен судија Борис Николовски и адвокатот и поранешен судија во велешкиот суд Сашко Лазаров, пак, според наводите на обвинителството исто така се поврзани со случајот „Ореше“. Наводно, Николовски и Лазаров, со умисла потикнати од Павловски посредувале кај обвинителот Ефремов да даде согласност по предлогот на одбраната за укинување на мерката притвор на обвинетите за убиството во „Ореше“.

  • Со првостепената пресуда, Борис Николовски  е осуден на 1 година затвор. 
  • Со првостепената пресуда, Сашко Лазаров е осуден на 1 година затвор.
  • Со првостепената пресуда, Јане Павловски – „Тица“ е осуден  на 1 година и 6 месеци затвор.  

„Томислав Кежаровски е неправедно казнет за бранење на својата професија и заштита на своите извори“

Македонските власти мора да осигураaт дека сите „апсурдни“ обвиненија против новинарот Томислав Кежаровски се отфрлени, така што правото и слободата на изразување ќе надвладеат.Ова е ставот на Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари пред денешната седница на Апелациониот суд.„Томислав Кежаровски е неправедно казнет за бранење на својата професија и заштита на своите извори“, стои во изјавата на претседателот на федерацијата Џим Бумела, кој го посети Томислав и неговото семејство во март за да ја пренесе солидарноста од федерацијата од целиот свет.„Бараме правдата да е спроведена и Томислав може да излезе од овој кошмар како слободен човек.“
E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk