/ Прочитано:

2.860

Лингвистика на правото за правописно пишување на пресудите, процесните акти, законите

Идните судии и обвинители во рамките на нивната едукација во Академијата за судии и јавни обвинители ќе изучуваат нов предмет – Лингвистика на правото. Ова беше најавено на советувањето во Академијата посветено на употребата на правната терминологија и на правописот кои се користат при подготвувањето на судските одлуки при нивната писмена изработка, и на употребата на говорената форма на јазикот што се користи во текот на судењата.

foto akademik

Лингвистиката на правото – нов предмет за идните судии и обвинители

Од Академијата за судии и јавни обвинители посочуваат дека при спроведувањето на советувањата и едукативните работилници и обуки за темите поврзани со правната аргументација утврдиле дека постојат голем број недостатоци од аспект на правописното пишувањето на одлуките.

„Поаѓајќи од тие сознанија, воочиме дека е потребно е да се подобри јазикот и неговата правописна употреба, но не само на пишувањето на пресудите, туку и за сите процесни акти. За таа цел, идните кандидати за судии и обвинители во рамките на Академијата ќе изучуваат нов предмет – Лингвистика на правото, со што може да се направи голем напредок во таа насока“, истакна директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска.

Како што најави Арнаудовска, во план е и подготовката на  Прирачник за судиите и обвинителите за правилно пишување на одлуките, што за нив, како што подвлече, ќе има извонредно едукативно значење и корист.

Законот за употребата на македонскиот јазик

Д-р Матилда Саздова, автор на книгата „Прирачник за правилна употреба на македонскиот јазик во постојните модели на судските, нотарските и стечајните огласи пред нивното објавување“, осврнувајќи се на законодавството во однос на употребата на македонскиот јазик, нагласува дека на 30 јануари 1998 година е донесен Указ за прогласување на Законот за употребата на македонскиот јазик.

Во овој закон, вели д-р Саздова, нагласено е дека службените текстови од законодавната, извршната и од судската власт, од локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови определени со овој закон што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик.

Саздова упатува на членот 5 од овој закон во кој се пропишува дека македонскиот јазик, покрај употребата во органите на државната власт, во органите на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, се употребува и во трговските друштва, претпријатијата, установите и другите правни лица регистрирани во Републиката;  називите, рекламите и плакатите на правните лица;  називите и упатствата на производите, лекарствата, етикетите, фактурите и слично;  сметките, потврдите и други информации на амбалажата на производите, лекарствата и слично; обележувањето на јавните места; натписите во средствата за јавен превоз и во јавните објекти;  титлувањето, односно синхронизирањето на филмовите и емисиите на странски јазик што се прикажуваат јавно;  меѓународните договори и другите меѓународни акти што ги склучува Републиката, како  и во други слични случаи.

Многу неправилности и многу нелекторирани текстови

„Во лекторска практика, многу често наидуваме на многу нелекторирани текстови во периодичниот печат или во изданија на книги од понов датум на печатење. Факт е дека сѐ што достасува за  објавување ќе биде лекторирано и ќе биде отпечатено на македонски (стандарден) јазик, а сѐ што не е во ред ќе биде поправено зашто има кој да го поправи и нема да биде објавено во својата првобитна  неточна, јазично некоректна и стилски неиздржана форма“, вели  Саздова, додавајќи дека голем дел од грешките се неправилности што се провлекуваат од моментот на првобитното запишување на податоците.

„Неправилности има многу, но ќе биде фер да нагласам дека сметам дека во голем процент, голем дел од грешките, како вид, се неправилности што се провлекуваат од моментот на првобитното запишување на податоците во Агенцијата за катастар на недвижности  на РМ до моментот кога тие податоци се внесуваат во овие објави со препишување на истите грешки. Од аспект на другите јазични грешки во објавата, ако таа не е прочитана од лектор, тој неправилно напишан текст таков ќе се појави во еден од дневните весници. И? Ќе се случи токму она што не е дозволено според Законот за употребата на македонскиот јазик“,  истакнува таа.

Прашања што се наметнуваат

Овие факти, потенцира Саздова, ги наметнуваат следните прашања:

„Зошто не се води сметка за јазичниот израз уште во текот на оформувањето на текстот што е за објавување? 

Дали е во прашање свесно неводење сметка или немање доволно познавања на сопствениот јазик, на правилата за пишување или станува збор само за заборавени нешта со кои одамна сме биле запознаени?

Дали се битни само податоците со бројки, а сè што е врзан  текст е небитно?

Дали е сеедно што во ист текст на три различни места името или презимето на еден ист човек е различно напишано  (Петровски, Петроски, Петров), па се мисли дека станува збор за тројца тужени, а не за еден?

Добиениот документ од судиите, од нотарите или од извршителите е оригинален документ со потпис и печат од  одговорното лице. Значи, со име и презиме стоиме зад напишаниот текст.“

Потребни се лектори во сите институции

Во таа насока, д-р Саздова вели дека во 2000-та година, од претставници во Советот за македонски јазик било предложено да се ангажираат во редовен работен однос, или хонорарно, лектори во сите институции во кои се регистрираат фирмите во Македонија и во кои се запишуваат улиците, булеварите, личните податоци на странките и сл.

„До оваа година (значи во вкупно 18 години) тоа не е направено. Секоја чест на  исклучоците кои пред да објават нешто ангажираат лектор за да им биде јазично среден документот, но ако продолжиме во овој манир, се соочуваме со опасност од губење на она што го добивме уште во 1945 год., а тоа е признавање на македонскиот јазик, азбука и правопис.  Со малку повисока свест, би сфатиле дека не треба да се лекторираат само текстовите што јавно ќе се објават туку сѐ што пишуваме треба да биде на правилен македонски јазик бидејќи станува збор за образовани луѓе, секој во својата бранша. Треба само малку волја за да се потсетиме на заборавените правила“, нагласува д-р  Саздова.

„Додека го имаме јазикот, ќе постоиме и ние како народ. Затоа, да го чуваме и да го негуваме македонскиот стандарден јазик“, апелира д-р Матилда Саздова.

Употребата на македонскиот јазик е право и должност на граѓаните

Бојана Велковска, судија во Основниот суд Скопје 2, оценува дека советувањата чија цел е утврдување на пропустите, унапредување на судските одлуки и подобрување на нивниот квалитет од јазичен аспект, се од голема корист за правосудната фела и го поздравува воведувањето на новиот предмет во Академијата – Лингвистика на правото.

„Во таа смисла, треба да се нагласи дека во членот 2 од Законот за употребата на македонскиот јазик е предвидено дека: ‘македонскиот јазик е духовно богатство од посебно културно и историско значење за Републиката. Употребата на македонскиот јазик, како службен јазик е право и должност на граѓаните на Републиката’“, истакнува Велковска.

Правото е културен поим

Во врска со воведот во лингвистиката на правото, односно јурислингвистиката, професорот д-р Димитар Пандев вели дека границата на јазичните способности е горната граница на правната квалификација, која не може да се пречекори.

„Успехот во професијата од областа на правото се постигнува, пред сѐ, со средствата на јазикот“, посочува професорот.

Професорот вели дека правото е културен поим и дека во јазикот на правото превладуваат архаични, застарени и древни зборови (долг – грев); ретки зборови модели (случај, жртва, дејствие); зборови што се резултат од синтаксички трансформации (супстантивизација, адјективизација, адвербијализација).

Законодавство со правописни грешки

Покрај употребата на правната терминологија и на правописот кои се користат при подготвувањето на судските одлуки при нивната писмена изработка, честа е и погрешната употреба на правописот во законските текстови. Па така, низ законските одредби може да се забележат мноштво на правописни грешки, кои се дел од македонското законодавство, како на пример зборовите: „упаствата“, „преставува“, „ангажират“, „не-човеколики“, „не-технички“, „неможат“, „мулти-дисциплинарна“, „представуваат“, „еутаназира“, „три годишно“. Исто така, покрај правописни, чести се и граматичките грешки, а се забележува и отсуство или вишок на интерпункциски знаци, како и на јазични и технички грешки.

Погрешно преведување и на правните поими

На неодамнешната Конференција на Правниот факултет „Јустинијан Први“, покрај проблемот со честата погрешна употреба на македонскиот правопис во македонските закони, беше истакнато и дека многу е присутно непрецизното преведување на правните поими, во контекст на хармонизацијата со европското законодавство. Погрешното преведување и толкување на правните поими, кое беше посочено на настанот, е во спротивност на она што значи јазикот на правото, кој не го означува само јазикот на правната норма, туку ја означува и смислата и целта на правото.

„Јазикот на правото е рефлексија на правната култура, но и практичен израз на духот на правната норма. Од тие причини потребно е подоследно и прецизно да се преведуваат одредени правни поими кои често стануваат дел од домашниот правен поредок, што доволно говори за практичното значење на јазикот на правото, а особено се согледува во примената на конкретната правна норма и нејзиното правно толкување“, беше истакнато на Конференцијата.

Правната лингвистика во ЕУ

Проучувањето и примената на правната лингвистика, како што беше потенцирано на Конференцијата, имаат посебно значење и во рамките на Европската Унија. Со правната лингвистика треба да се обезбеди повеќејазичен израз и соопштување на иста правна порака, да се постигне ист правен ефект и еднакво важење на правото, што е особено важно во контекст на супрематијата и директната примена на правото на ЕУ. Според Меѓуинституционалниот водич за лингвистички стил (Interinstitutional Style Guide) од 1997, секоја јазична верзија на текст на правен акт на ЕУ мора да има ист број страници, иста структура на текстот, ист стил на нумерирање и параграфирање, иста должина на речениците, истиот вид информација да биде содржана на истото место. На тој начин полесно се наоѓа еквивалентниот правен термин во различните јазични верзии.

М.В / veljanoskim@akademik.mk