/ Прочитано:

1.712

Лицата со хендикеп наидуваат на архитектонски бариери – потребни се промени во општествената свест и почитување на регулативата

Aрхитектонските бариери во јавните институции за лицата со хендикеп се општествен проблем, истакнуваат од Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус, која во соработка со Здружението на студенти и младинци со хендикеп (ЗСМХ) го имплементира проектот ,,Градење капацитети на организации за помош на лица со посебни потреби во Македонија“.

Овие организации повикуваат на надминување на архитектонските бариери во секојдневниот живот за лицата со  хендикеп и во таа насока, ја нагласуваат потребата од овозможување на архитектонска пристапност.

Архитектонска пристапност, посочуваат организациите, подразбира целосен пристапен влез и рампа, пространа површина во јавните установи за движење со количка, лифт за пристапност до вториот кат, овозможен  паркинг простор наменет за лица со посебни потреби, обележан со соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, овозможени тактилни патеки и звучни семафори за лица со оштетен вид, соодветно осветлување во јавните установи за лица со оштетен слух.

Според аналитичкото истражување на Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус, во соработка со Здружението на студенти и младинци со хендикеп (ЗСМХ), од вкупно 77 јавни институции во Македонија, 20 јавни институции немаат овозможен пристап до првиот кат. 64 јавни институции немаат овозможен пристап до вториот кат за лица кои се движат со помош на инвалидска количка.

„Имајќи го предвид правното уредување кое потврдува дека секоја држава е обврзана да ги приспособи архитектонските барања според потребите на сите граѓани и претходно утврдените стандарди и правила за обезбедување што поголема пристапност на граѓаните до јавните објекти, повикуваме заеднички да обезбедиме непречен пристап и движење до и во градбата за лицата со посебни потреби во објекти како што се: образовни институции, здравствени установи, државни установи, станбени објекти, спортски и културни установи. Во Вардарскиот регион е забележан овозможен пристап до вториот кат во две основни училишта, преку изградба на лифт. Ваквата достапност и пристап се постигнати со помош и поддршка од донации. Македонија располага со обележан паркинг простор за лица со посебни потреби, но свеста на граѓаните за рационална употреба сѐ уште е на ниско ниво“, истакнуваат од Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус, која во соработка со Здружението на студенти и младинци со хендикеп (ЗСМХ) со овој проект повикува на свесност и акција кон подобро.

„Градење инклузивно општество подразбира приспособување на општествената средина според потребите на граѓаните. Бројни примери од минатото говорат за еден спротивен пристап каде што граѓаните ги приспособувале своите потреби според општествените услови. Свесноста за промени во општеството во правец на инклузија на сите групи, особено на лицата со посебни потреби, е сечија задача: бизнис секторот, институциите и граѓаните“, додаваат од организациите.

М.В