/ Прочитано:

10.284

Љубомир Михајловски – Џанго избран за нов претседател на Адвокатската комора на РМ

Адвокатот Љубомир Михајловски – Џанго е новиот претседател на Адвокатската комора на Република Македонија. Негови заменици ќе бидат Јелена Ристиќ и Бесим Реџепи. Адвокатите го избраа новиот прв човек на Комората во рамки на 63-тото годишно собрание на кое претходно беше избран и нов Управен одбор на АКРМ.

Според Статутот на АКРМ, Собранието на Комората  го избира Управниот одбор кој е раководен орган на Комората и извршен орган на Собранието. На конститутивната седница, Управниот одбор, од редот на своите членови избира Претседател на Управниот одбор и двајца заменици, со мандат од две години. Претседателот на Управниот одбор, се пропишува во членот 21 од Статутот, ја застапува и претставува Комората.

Претседателот на Управниот одбор при застапувањето и претставувањето на Комората го носи називот ,,Претседател на Адвокатската комора на Република Македонија“.

Овие денови адвокатите во Струга ги одбележуваат „Деновите на македонската адвокатура“ и јубилејните 73 години од основањето на Адвокатската комора на Република Македонија и на формално-правното етаблирање на адвокатурата во Македонија, која, како што беше нагласено на денешниот настан, во континуитет претставува носител во идеите и борбата за заштита на човековите права и слободи.

Новиот претседател на АКРМ, Љубомир Михајловски – Џанго, нагласува дека тој континуитет мора да продолжи. Во изјава за Академик тој истакнува дека неговите заложби како нов претседател на АКРМ ќе бидат насочени кон јакнењето на адвокатурата и нејзината независност и самостојност.

„Мојата првенствена заложба е да ја држам адвокатурата и Комората подалеку од политиката. Потоа, да се зајакне квалитетот на адвокатурата преку создавање на законски решенија во интерес на адвокатитите и граѓаните, како и во однос на еднаквата положба на адвокатите во постапките. Во таа смисла, моја заложба ќе биде и учеството на адвокатите во подготовката на прописите бидејќи во таа насока од клучно значење се нивните мислења, предлози и сугестии како бранители на човековите права. Исто така, во работата на АКРМ акцент ќе биде ставен и на континуираната едукација на адвокатите, како и  на меѓународната и регионалната соработка на АКРМ. Од големо значење во понатамошниот период е и да се обезбедат подобри услови за работата на Комората“, вели новиот претседател на АКРМ.

Михајловски важи за истакнат адвокат во кривичната материја. Тој беше министер за внатрешни работи од 17.12.2004 до 26.08.2006 година. Покрај во адвокатурата, Михајловски голем дел од својот работен век го поминува и во Министерството за внатрешни работи. Од аспект на практиката како адвокат, Михајловски вели дека познавањето на форензиката и оценувањето на доказите се едни од поважните сегменти за да еден адвокат биде добар кривичар.

Претходникот на Михајловски, адвокатот Никола Додевски, беше три пати избиран за претседател на АКРМ и ја предводеше комората 5 и пол години. Како претседател на АКРМ, Додевски се залагаше за, како што често нагласуваше, унапредување на адвокатурата што, пак, резултираше со законски  решенија во интерес на адвокатурата и зајакнување на Адвокатската комора на Република Македонија.

М.В