/ Прочитано:

3.613

Луѓето без државјанство се правно невидливи: Интервју со Александра Ефремова, правник во Македонското здружение на млади правници

Ако државјанството значи да се има пристап до основните човекови права, загарантирани со Уставот, лицата кои немаат државјанство немаат пристап ниту до здравствена заштита, ниту до образование, ниту до вработување, односно немаат пристап до сите социјални права. Тие се лица во социјален ризик.

Александра Ефремова

Немањето државјанството е сериозен проблем во светот, но ни Македонија не е исклучок. Распаѓањето на големите држави и формирањето на независни и самостојни држави, бегалските кризи, војните, пропустите во законските решенија во некои земји, се причини што доведуваат до тоа. На глобално ниво повеќе од 10 милиони луѓе се соочуваат со овој проблем.  Со цел подигнување на јавната свест за проблемите со кои се соочуваат луѓето без државјанство, Македонското здружение на млади правници спроведува кампања во соработка со Канцеларијата на УНХЦР во земјава и невладиниот сектор.

Кои се причините за немањето државјанство во Република Македонија?

Во нашата земја постојат две главни причини кои водат кон немање државјанство, а тие се: распаѓањето на Југославија и незапишаните раѓања и лични имиња. Имено, лицата кои водат потекло од некои од бившите југословенски републики останале да живеат во Македонија ( брак, вработување, образование) и тие имале можност, според Законот за државјанство на РМ, да се пријават, односно да побараат прием во државјанството на Република Македонија. Но, голем дел од нив, поради тоа што не ги познавале законите, не го сториле тоа, а не биле примени ниту во државјанството од земјата каде што се родени, односно од каде што потекнуваат. Затоа, тоа се лица кои останале без ниту едно државјанство, ниту од земјата од каде што потекнуваат, ниту од земјата во која останале да живеат.

Во однос на втората причина за лицата без државјанство, сакам да нагласам дека во земјава има деца што се родени на територијата на РМ, но нивното раѓање не било навремено регистрирано во матичната книга на родени и поради тоа тие се таканаречени „правноневидливи“ лица. Тие постојат физички, но немаат правен идентитет. Имаме случаи кога мајката не е запишана во матичната книга на родени и сè додека таа не го регистрира своето раѓање, не може да ги запише ниту своите деца. За разлика од децата кои се родени во болница и за кои болницата е законски овластена да испрати известување до Матичната служба на одредена општина дека се родило дете на одреден датум, така што родителите треба само да се обратат до матичната служба и да му одредат име на новороденчето, постојат случаи кога децата се родени во домашни услови. Родителите поради незнаење или поради немање пари за административни такси не ја повеле постапката за упис на детето и сè додека тоа дете не се запише во книгата на родени, правно не постои. Постојат одреден број луѓе (незапишани во книгата на родени) кои се веќе возрасни и тука постапката за дополнителен упис во матичната книга на родени е многу посложена. Бара повеќе докази, повеќе оперативни проверки, а најчесто како доказ за сродство меѓу родителот и незапишаното дете се бара ДНК-анализа која чини 500 евра, па дури и повеќе, и најчесто луѓето не можат да си ја дозволат. Посебен проблем претставува кога мајката на детето е почината и не може да се направи ДНК-анализа за сродство. Сакам да нагласам дека за поведувањето на целата постапка е потребно присуство на мајката, а во случаи кога е почината, нема начин како да се регистрира лицето во матичната книга на родени, што е основен предуслов за добивање државјанство, нагласи Ефремова.

Имате ли конкретна евиденција колкав е бројот на луѓето во Македонија кои немаат државјанство?

Официјална бројка за луѓето без државјанство нема, но неофицијално, во рамките на проектот „Превенција и намалување на бездржавјанството“, кој го спроведуваме со Канцеларијата на УНХЦР, идентификувавме 600 луѓе. Мора да нагласиме дека оваа бројка е динамична, се менува од ден на ден со постојаното раѓање нови деца чии родители немаат државјанство, вели Ефремова.

Каков е животот на луѓето без државјанство? Како функционираат во одредено општество?

Ако државјанството значи да се има пристап до основните човекови права, загарантирани со Уставот, лицата кои немаат државјанство немаат пристап ниту до здравствена заштита, ниту до образование, ниту до вработување, односно немаат пристап до сите социјални права. Тие се лица во социјален ризик.

Пример за тоа се децата кои немаат извод од книгата на родени, односно се без државјанство и не можат целосно да бидат вклучени во процесот на образование. Министерството за труд и социјална политика успеа на некој начин да издејствува, училиштата да ги примаат за да посетуваат настава, но, за жал, не добиваат свидетелства. Токму поради тоа, Министерството за труд и социјална политика веќе неколку години спроведува акција за дополнителен упис во матичната книга на родени во соработка со Управата за вадење матични книги, МВР и невладиниот сектор, во што и нашето здружение е активно вклучено. Покрај правната помош, МЗМП обезбедува и финансиско покривање на административните трошоци во постапките (за дополнителен упис, за регулирање престој и прием во државјанство), потенцираше Ефремова.

Колку е важно да се зборува јавно за да се подигне свеста за овој проблем?

Институциите го препознаваат овој проблем и сè повеќе бараат соработка со нашето здружение бидејќи тоа е во интерес на државата. Лицата кои се без државјанство, во согласност со Законот за државјанство на РМ, имаат можност за олеснета натурализација во однос на странците во земјава.

Но, пошироката јавност, за жал, не е запознаена со овој проблем и токму поради тоа ние спроведуваме кампања за подигнување на свеста за овој проблем, посебно за децата без државјанството. Работиме и на превенција, но и на искоренување на постојниот проблем. Секојдневно предлагаме законски измени со цел олеснување на овој процес и прием во државјанството и упис во книгата на родени. Ги едуцираме родителите за сериозноста на овој проблем со цел да ја подигнеме и нивната свест и да ги натераме навремено да си ги запишат децата во матичната книга на родени. Проблемот е комплексен, бара многу активности, сериозна ангажираност од страна на сите институции, невладините организации, медиумите, но и од страна на самите луѓе кои се без државјанство, вели Ефремова.

А. Б.