/ Прочитано:

960

Маја Менард, партнер во „Улчар и партнери“: Управувањето со правните ризици ќе го добие соодветното место во светот на правото

Секогаш постои ризик од инвестирањето во таленти, но како што Менард потенцираше во нејзината презентација на четвртата Конференција за управување со правни ризици: правни трендови, што ја организираше Академик, доколку постои континуирано следење на работата на младите правници, тие ризици можат да се намалат. „Правни ризици секогаш постојат, но тоа е работа на време и комуникација. Правилната комуникација и согледувањето на проблемот може да го избалансира ризикот кога одлучувате да инвестирате во млад човек за кој не знаете многу или кој сè уште нема доволно пракса“, истакна словенечката адвокатка.

Маја Менард интервју

Како најдобрите таленти од правната фела да станат дел од најважните правни процеси“ беше темата на која говореше словенечката адвокатка Маја Менард, партнер во „Улчар и партнери“, на четвртата Конференција за управување со правни ризици: правни трендови, во организација на Академик.

Обраќајќи се пред големиот број учесници на Конференцијата, Менард нагласи дека работата со правните таленти бара многу енергија и посветеност, нешто што постојано го практикуваат во компанијата каде што е партнер таа.

„Многу важно за градењето на еден тим од талентирани правници и адвокати е тие да бидат вклучени во покомплицирани процеси, со што би се стекнале со практично искуство. Според нас, мора да се инвестира доволно време и внимание, да се зборува на таа тема со младите правници, да се слушаат нивните желби и потреби и на тој начин да се идентификуваат најпрво нивните таленти, а потоа да се работи во насока на нивно менторство. Би нагласила дека една од најважните компоненти во оваа област е да се следи нивниот развој и да се насочуваат, а дополнително да се развива нивниот талент преку учество на обуки, дополнително образование и слично, и да им се овозможи да го развијат својот талент преку праксата и да станат име во правниот свет“, рече Менард.

Маја Менард, Академик Конференција 2016

Во овој контекст, Менард ја посочи и важноста за тоа дека треба да се знае што точно ѝ е потребно на една компанија.

„Треба да знаете што точно барате. Не треба да се ангажираат постојано само млади луѓе. Нашата компанија вработува и постар, но многу постручен кадар, со искуство кое младите сè уште го немаат стекнато“, рече словенечката адвокатка.

Според неа секогаш постои ризик од инвестирањето во таленти, но, како што потенцираше во нејзината презентација, доколку постои континуирано следење на работата на младите правници, тие ризици можат да се намалат.

„Правни ризици секогаш постојат, но тоа е работа на време и комуникација. Правилната комуникација и согледувањето на проблемот може да го избалансира ризикот кога одлучувате да инвестирате во млад човек за кој не знаете многу или кој сè уште нема доволно пракса. Тој ризик може да се намали само преку соодветно следење на неговата работа. Досега ни се има случено само едно лице да замине во друг предизвик. Стануваше збор за млад и многу перспективен правник кој се занимаваше со доста специфична област и кој доби позиција на главен правен застапник во областа во која работеше“, нагласи Менард.

Таа смета дека темата за управувањето со правни ризици добива сè поголемо внимание во споредба со минатите години и според неа претставува критично актуелна тема со која, како што рече, никој, за жал, не се занимава доволно, па дури ни правниците ни странките.

Во однос на тоа како ќе се развива управувањето со правните ризици во иднина, Менард истакна дека оваа област ќе го добие соодветното место во светот на правото.

„Не знам дали ќе биде посебна гранка, но веќе треба да се размислува на оваа област како посебна гранка. Управувањето со правните ризици не е константно во сите области. Некои бизниси се многу посветени на тоа, додека пак други многу малку обрнуваат внимание на таа проблематика, затоа е потребно да се постигне еден баланс и сериозно  да се размислува на таа тема“, нагласи Менард.