Македонија бележи пад на Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл
Повеќе од две третини од државите, заедно со повеќето од напредните светски економии, стагнираат или покажуваат знаци на назадување во нивните антикорупциски напори, според Индексот на перцепција на корупцијата за 2019 година (ИПК), објавен денес од Транспаренси интернешнл.
Државите каде што изборите и финансирањето на политичките партии се подложни на влијанија на различни интереси се помалку способни да се борат против корупцијата, покажуваат резултатите од анализата.
„Фрустрациите поради корупција во владата и немањето доверба во институциите зборува за потребата за поголем политички интегритет“, изјави Делиа Фереира Рубио, претседателка на Транспаренси интернешнл. „Владите мора итно да се справат со коруптивната улога што ја имаат парите во финансирањето на политичките партии и во влијанието во нашите политички системи.
Претседателката на Транспаренси интернешнл – Македонија, Слаѓана Тасева, денеска во контекст на Индексот истакна дека оваа година државата на Индексот за перцепција на корупцијата се наоѓа на многу ниско 106. место од 180 рангирани држави, со 35 поени од можни 100, што претставува пад од 8 поени и 13 места на ранг-листата на ИПК.
„Минатата година бевме на 93. место од 180 рангирани држави, со 37 од можни 100 поени. Во 2017 година бевме на многу ниско 107. место со истите 35 поени како и оваа година. Оваа година резултатот е во знакот на заробената држава, високото ниво на политичка корупција, недоволна транспарентност во работата на јавниот сектор, неефикасноста на контролните и регулаторните тела што е резултат на недоволниот капацитет за нивното работење.
Резултатите се формираат на основа на показателите за последните две години, што ќе каже дека оваа година се вративме на нивото пред изборите и пред промената на власта во 2016 година. Оваа порака треба да нѐ загрижува и сериозно да се побара и да се очекува промена на барањата од политичките субјекти пред изборите во април. Во годините што претстојат неопходни се натамошни суштински реформи во сферата на борбата против корупцијата“, образложи Тасева.
М.В