/ Прочитано:

874

САД: Македонија го здржа статусот на прво ниво во борбата против трговијата со луѓе

Четврток, 20 јуни 2013 – Македонија спаѓа во првата група на земји кои целосно ги почитуваат минималните стандарди од Актот за заштита од трговијата со луѓе,  според  извештајот на Стејт департментот, каде земјите се поделени во три групи. 
Во Извештајот се вели дека  македонската влада целосно ги почитува минималните стандарди за сузбивање на трговијата со луѓе.  Стејт департментот оценува дека владата енергично ги гони престапниците, вклучувајќи и официјални лица кои наводно се вмешани во ваквите процеси. Сепак, во извештајот се потенцира дека владата нема успех во ефикасната детекција на можните жртви од трговијата со луѓе за време на полициските рации по баровите и ноќните клубови, како и дека официјалните лица не ги користат услугите на обучените социјални работници и невладините организации.  Како негативна карактеристика се наведува и дека Владата во Скопје се потпира на невладините организации во пружањето услуги на жртвите во засолништата, но истовремено не им обезбедува адекватни финансиски средства за медицинска нега и реинтеграција. „Македонија е извор, транзит и крајна дестинација за мажи, жени и деца кои се жртви на сексуална експлоатација и принудна работа. Македонските жени и девојки се предмет на синџир на проституција и принудна работа ширум земјата во барови, ноќни клубови и питачење по улици. Децата, особено етнички Роми, се жртви и се принудуваат да питачат од страна на нивните семејства во самата земја, се вели во годишниот извештај на Стејт департментот за трговијата со луѓе“, се вели во делот посветен на Македонија. Во препораките за Македонија, се наведува дека е потребно проактивно подобрување на напорите за идентификување на жртвите преку обучени социјални работници и невладини организации во првичните проверки за евентуална трговија со луѓе; да осигура дека сите жртви на трговијата со луѓе имаат слобода да заминат во и од прифатилиштата; да се обезбеди жртвите да не бидат приведувани, депортирани  или казнувани затоа што биле дел од синџирот на трговија со луѓе, и, да се обезбеди специјализирана обука за официјални лица – подобро да ги разберат психолошките форми од принуда, закани и симптоми на трауми.  Во препораките се наведува и казнување на престапниците во трговијата со луѓе, вклучувајќи и владини официјални лица кои се дел од синџирот, како и воспоставување на висина на казни кои одговараат на тежината на стореното кривично дело. Во писмената изјава од американската амбасада во Скопје, САД и честита на Македонија што повторно има статус на прво ниво во годишниот извештај на Стејт департментот. Едно скалило подолу се земјите во соседството – Косово, Хрватска, Србија,  Бугарија, Босна и Херцеговија и Грција. Според категоризацијата на Стејт департментот, тоа се земји кои не ги исполнуваат мининалните стандарди, но прават значителни напори за нивно исполнување во борбата против трговијата со луѓе.
Албанија се наоѓа во меѓукатегорија – втора група на земји кои се листа за набљудување, затоа што ситуацијата во нив се влошува.Во третата група спаѓаат земји кои не исполнуваат ниту минимални стандарди и кои не прават позначајни напори за сузбивање на трговијата со луѓе. Во оваа група, која брои 25 земји, покрај Авганистан се најдоа и Русија, Узбекистан, Кина, Северна Кореја затоа што, како што се наведува, нивните влади не го решиле и немаат планови да го решат овој проблем.Претседателот Барак Обама има 90 дена, за да реши дали ќе воведе санкции кон овие земји. Обама може да воведе блокада на различни видови помош и да ја повлече поддршката на САД за кредити доделени од Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.Според извештајот на Стејт Департментот, 27 милиони лица во светот се жртви на трговија со луѓе.