/ Прочитано:

1.128

Македонија го празнува државниот празник 1 април – Денот на македонските политичари

Вторник, 1 април 2014 – Со големи манифстации ширум земјата, Македонија го одбележува државниот празник 1 април – Денот на македонските политичари.

Преку организација на спектакуларни културни изведби на кои се точи пиво, се раздaваат сендвичи за закуска и се вртат плескавици на скара, под широко развеаните знамиња и партиски симболи, голем број на граѓани низ песна и ора го прославуваат овој голем ден на македонската државност и изборна пролет.

На културните изведби, политичарите не ја пропуштаат можноста да се маскираат со дупла маска, па така може да се забележат политичари маскирани во Путин, во Обама, во Ким Јонг-Ун, во Меркел на скијање, во Консензуален претседател, во Али Џи инда Хаус, во Ханибал Лектор како милно гледа во јагнињата кога ќе стивнат, во Гласачка кутија, во член на ДИК, во гласач од Пустец, во Папагал и Барок зграда, а притоа така маскирани цитираат маратонски поеми за социјалната правда, евроинтеграциите и правната држава.

Насекаде ечат гласовите на македонските поп и фолк ѕвезди кои заедно со политичарите не ги штедат своите грла да ја отпејат македонската судбинска среќа и сага која кулминира со симболиката на еден ваков ден.

Може и да се слушне и песна посветена на предизборниот молк, кој по се изгледа најемотивно ги погодува политичките души.

„Молчи, молчи, љубов моја,

Како криза која мине, како топлификација што се гаси,

крај нас мониторинг тивко мине и ни лади глави наши.

Наште книшки само тлеат, а ни биле врели луди,

Други фотељи сега греат, празно ни е и ни студи

Молчи, молчи љубов моја, запри раце, пенкалца врели

пред тебе го гласачка кутија стојам, само еден глас ти земи…

Ние двајца се сме биле, изборна пролет, отпор, смеа

Сега ко гранки од Филе сме се свиле, тажни фаци да ни пеат

Молчи, молчи љубов моја, запри раце пенкалца врели

пред тебе го гласачка кутија стојам, само еден глас ти земи…“, гласи поемата посветена на предизборниот молк.

Паралелно со културните манифестации, низ сообраќајот можат да се забележат преполни автобуси со развиорени знамиња кои одат од еден во друг град, од едно во друго село, од плоштад на нива, од нива во шума, од шума на планина од каде гордо се провикнува партискиот вознес дека покрај тоа што Македонците се борат на своите планини, го имаат и проширено делокругот на својата борба, па се борат и на своите шалтери, банкомати и избирачките кутии.

„Овој празник дава голем пример за граѓаните. Денес влегов во банка и во манир на политичар кога зема кредит од ММФ им реков дека сум дошол да го исплатам и вратам кредиот. Тоа предизвика големо смеење кај службениците кои ме отпратија со зборовите – хахахахахаха не си нормален“, задоволно вели граѓанин, кој не го крие задоволството што овој празник допира до срцата на граѓаните.

„Се маскирав во хорор маска. Се маскирав во инспектор на УЈП и плашев деловни субјекти и физички лица. Не ми требаше ништо посебно, едно одело и кожна чанта. Влегов и во една кафеана и се убив од јадење и пиење додека келнерот исплашено гледаше да не го пријавам што го затекнав како од друг гостин си зема бакшиш од пет денари“, задоволно вели граѓанин кој тврди дека со маската на инспектор на УЈП си поминал како што вели „за сите пари“.

„И јас за оваа година и овој голем празник одбрав хорор маска. Се маскирав во македонска плата и плашев народ по улици“, коментира граѓанин, според кој неговата маска треба да биде избрана не само за маска на годината, туку за маска на векот.