Македонија и Косово договараат отворање нов граничен премин

Понеделник, 24 јуни 2013 – Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Косово, Гордана Јанкуловска и Бајрам Реџепи, денеска ќе ја парафираат меѓувладината Спогодба за отворање на новиот граничен премин за меѓународен патен сообраќај меѓу двете држави „Белановце-Станчиќ“.

Документот ќе биде парафиран на граничниот премин Глобочица, во близина на Јажинце. Преку овој документ ќсе очекува да се ги избегнат формално-правните пречки за отворање на премин, но како проблем и понатаму ќе остане неизградениот 17 километарски пат од страната на Македонија.

Според заменик-министерот за транспорт и врски, Џелал Бајрами, единствениот предизвик за почеток на работата останува експропријацијата на земјиштето. „Сега останува главниот проблем, а тоа е изградбата на патот од село Опаје до село Белановце што всушност води кон граничниот премин. И во оваа насока има доволно придвижувања, а неодамна јавното претпријатие за државни патишта потпиша договор, а потоа ја заврши и тендерската постапка за избор на изведувач што ќе го гради патот“, вели Бајрами.