/ Прочитано:

1.620

Македонија и Србија во согласност со меѓународното јавно право ќе ги заштитат правата на дипломатските претставништва

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска во долг и отворен телефонски разговор ги разгледаа сите аспекти на новонастанатата ситуација во рамките на односите меѓу двете држави, се вели во Заедничко соопштение за јавност на претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и претседателот на Република Србија Александар Вучиќ.

Претседателот на Владата на Република Македонија и претседателот на Република Србија, се вели во заедничкото соопштение, постигнаа заемна согласност за следниве работи:

  1. Република Македонија и Република Србија сите евентуални недоразбирања во меѓусебните односи ќе ги решаваат исклучиво по пат на дијалог
  2. Без разлика на различните политички ставови во однос на одредени важни политички и регионални прашања, Македонија и Србија заедно ќе се борат за зачувување, но и за унапредување на пријателските релации на македонскиот и српскиот народ, како и на граѓаните на Македонија и Србија
  3. Република Македонија и Република Србија ќе вложат уште поголеми напори за понатамошно унапредување на економските релации и зголемување на трговската размена меѓу двете земји
  4. Република Македонија и Република Србија, во согласност со прописите на меѓународното јавно право, и на добра волја и пријателска основа ќе ги заштитат интересите и правата на дипломатските и конзуларните претставништва на сопствената територија
  5. Република Македонија и Република Србија ќе ја интензивираат меѓусебната комуникација на највисоко ниво и ќе си дадат заемна поддршка една на друга на патот кон ЕУ и во зајакнување на добрососедските односи, што ќе придонесе кон стабилност на регионот.

Во насока на надминување на новонастанатата ситуација помеѓу двете држави, денеска се огласи и Европската комисија. Потребно е решавање на спорните прашања во духот на добрососедските односи, порачаа од Комисијата.

„Ова е билатерално прашање помеѓу двете земји кое ЕУ будно го следи. Се надеваме дека двете страни ќе покажат воздржаност и ќе се справат со прашањето по мирен пат, во духот на добрососедските односи“, рече портпаролот на Европската комисија.

M.В