/ Прочитано:

1.095

Македонија си ги плаќа „гревовите“ од минатото: Околу 340 илјади евра не чинат одлуките на ЕСЧП во 2012-та

Приближно 340 илјади евра Македонија имала обврска да исплати по основ на пресуди и одлуки на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во 2012 година, што е втора најголема сума која досега ја исплатила нашата земја кога е во прашање повредата на човековите права. Минатата година година било постапувано по 153 жалби пред ЕСЧП, при што се констатира зголемен број на жалби во однос на претходните години. И во овој Извештај Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП доминираат жалбите кои се однесуваат на повреди на правото за правично судење, претежно на судењето во разумен рок. Владиниот агент Костадин Богданов за Академик објаснува дека зголемувањето на бројот на жалби се должи на натрупани апликации што граѓаните ги доставиле пред 3, 4 или 5 години во Судот,  а чија бројка се движи на околу 300.  „Со оглед дека не очекува уште еден, втор и последен бран од предмети од овој тип, мислам дека и за 2013 година сумата ќе биде помалку или повеќе идентична. Се надевам дека од 2014 година веќе овие износи драстично ќе се намалат“, укажува Богданов.

„Во текот на 2012 година, ЕСЧП до Владата на РМ комуницираше 153 предмети. Поголем дел од предметите кои беа комуницирани пристигнаа во пакети со повеќе апликации и жалители, а во еден предмет имаше дури 117 жалители, кои Судот ги достави со една апликација. Апликантите се жалеа на повреда на правото на судење во разумен рок, за предмети кои со години биле во постапка пред домашните судови, и за кои ЕСЧП со досегашната судска пракса против Република Македонија, се констатирани како неразумни влијаат врз должината на постапката и претставуваат одговорност на државата. Поголемиот дел од нив  беа решени по пат на пријателски спогодби, а некои со изјавување на еднострана декларација. Некои од нив сеуште не се решени од страна на Судот. Останатите предмети не се однесуваат само на повреда на правото на судење во разумен рок. Такви се 10 предмети кои се однесуваат на сериозни аспекти на Конвенцијата, од кои 5 се од кривичната сфера, 4 од парничната сфера и еден е управен предмет“, се наведува во  Извештајот за работата на Владиниот агент за 2012 година.

Владиниот агент Костадин Богданов посочува дека зголемувањето на бројот на жалби се должи на натрупани апликации што граѓаните ги доставиле пред 3, 4 или 5 години во Судот,  а кои се околу 300. Според Богданов, од 2014 година конечно ќе се затвори прашањето за разумниот рок пред ЕСЧП. Тој укажува дека со реформите на судскиот систем започнати од 2006 година, особено во делот на процесните закони, можностите за одолговлекување на постапките значително се намалиле. Најдобар показател, како што вели, е фактот што Бирото од Судот во Стразбур нема примено ниту една апликација во која жалителот се жали за неразумно траење на домашната постапка која е започната и довршена по новите законски решенија. 

„Досега најголемиот број на апликации пред ЕСЧП од Македонија беа на основ на должината на постапката пред домашните судови. Со воведување на правното средство за жалба пред Врховниот Суд на РМ по тој основ, на граѓаните им се овозможи да не мора да одат до Стразбур, туку, а врз основа на слични критериуми, да бидат обештетени дома. На тој начин бројот на апликации доставени до ЕСЧП во 2011 и 2012 година, по основ на неразумно траење на домашната постапка, драстично се намали. Со ова Судот во Стразбур заклучи дека Македонија повеќе нема проблем во овој дел од правичното судење, па од тие причини реши одеднаш да ги комуницира сите „акумулирани“ апликации по тој основ кои нашите граѓани ги доставиле пред 3, 4 или 5 години во Судот а кои се околу 300. Во 2012 ја добивме првата половина од тие заостанати предмети. Во 2013 очекуваме да ја добиеме и другата половина, така што веќе од 2014 конечно ќе се затвори прашањето за разумниот рок на домашните постапки и Европскиот Суд за човекови права“, објаснува Богданов.

Повреда на членот 3, 5, 8 и 13 од Конвенцијата – случајот Ел Масри црна дамка во „македонското досие“

Во текот на 2012 година ЕСЧП донел пресуди или одлуки по 78 предмети против Република Македонија, што претставува зголемување на ефикасноста во однос на решените предмети во 2011 година кога беа завршени 52 предмети. Од вкупно пресудените 78 предмети, 7 се пресуди, а останатите се одлуки. Во 6 пресуди се констатирани повреди на правата загарантирани со Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), додека само во еден не е констатирана повреда на правата од Конвенцијата (Алишиќ и други против РМ).

Судот донел 7 пресуди кои се однесуваат  на 9 апликации. Имено Судот при одлучувањето решил да спои 3 апликации и за нив да донесе една пресуда. Станува збор за предметите Огражден против РМ, Милчевска против РМ и Давидовска против РМ.)

Во 3 пресуди е констатирана повреда на членот 6 од Конвенцијата од аспект на судењето во разумен рок, додека пак во 2 пресуди повреда на членот 6 од аспект на правичното судење. Во 2 пресуди констатирана е повреда на членот 3 од Конвенцијата – „Забрана на мачење“, а во една пресуда повреда на членот 2 од Конвенцијата – „Право на живот“.

Во однос на прекршувањето на членот 2, со кој се со кој се гарантира правото на живот се работи за случајот Сашо Георгиев против Македонија. Имено, Судот во Стразбур процени дека македонската држава е одговорна, откако еден полициски резервист (Р.Д.) во униформа и со службеното оружје, во пијана состојба, стрелајќи во кафеана, тешко го ранил жалителот Сашо Георгиев. Во оваа прва пресуда, во која Македонија е осудена според членот кој се повикува на правото на живот, Судот го потврдува фактот дека виновникот очигледно не ги почитувал службените правила и ја напуштил полициската станица без одобрување на надредените. Според Судот од државите се очекува да воспостават високо професионални стандарди во рамките на нивните системи за спроведување на законот и да се обезбедат дека лицата кои работат во тие системи ги исполнуваат бараните критериуми. Особено кога се опремуваат полициските сили со оружје, не само што мора да бидат дадени неопходни технички обуки, туку и селекција на агентите кои имаат дозвола да носат такво оружје мора бидат предмет на особена контрола. Настанот на кој се однесува пресудата донесена 2012 година, се случил на 6 јануари 2002 година, во Скопје.

Покрај овие повреди во некој од пресудите констатирана е повреда на повеќе членови. Имено, во пресудата Ел Масри против Република Македонија констатирана е повреда на повеќе членови и тоа член 3, член 5, член 8 и член 13 од Конвенцијата. Во две од пресудите, покрај повреда на членот 6, констатирана е повреда и на членот 13 од Конвенцијата.

Со пријателски спогодби се завршени 67 предмети, еден предмет завршил со унилатерална декларација, за еден предмет има одлука за недопуштеност, а во два – одлука дека предметот е тргнат од листата на предмети.

Во случаите во кои жалителите ја одбиле предлог-пријателската спогодба, Владиниот агент по пат на еднострана декларација, во име на Владата ја признава повредата на правото на судење во разумен рок, и понудува одредена сума како компензација за жалителот.

При изјавувањето на овој вид на декларации, износот на претходно понудената сума за пријателската спогодба се намалува за 10% (за едностраните декларации изјавени по 1 Септември 2012 година), ценејќи дека тоа е нужно со оглед на признанието за сторената повреда на правата на жалителот, кое се изјавува од страна на Владата. Во текот на 2012 година Владата изјавила само една еднострана декаларација за која биле исплатени 1260 евра.

За разлика од 2011 кога РМ по основ на пресуди и одлуки на ЕСЧП беше задолжена да исплати  198.637, износот со кој беше оптеретен Буџетот на РМ во 2012 година изнесува 339.830 евра, што е втора најголема сума после онаа во 2010 која изнесуваше  638.025 евра.

„Од вкупната сума на исплатени оштети најголемиот дел, околу 90 отсто, се исплатени по жалбите за разумен рок, односно оној прв бран од 150 предмети кои ги „чисти“ Судот. Со оглед дека не очекува уште еден, втор и последен бран од предмети од овој тип, мислам дека и за 2013 година сумата ќе биде помалку или повеќе идентична. Се надевам дека од 2014 година веќе овие износи драстично ќе се намалат“, вели Богданов.


Автор: Елена Павловска Објавено: 30.04.2013