/ Прочитано:

2.268

Македонската асоцијација за човечки ресурси една од најактивните на Балканот

Корпоративниот свет на Македонија бележи значаен напредок на полето на управувањето со човечките ресурси. За обединување на експертизата на домашните практичари во оваа област, за зајакнување на свеста за неа во домашните граници, како и за разменување добри практики со колегите од Европа и од светот активно дејствува Македонската асоцијација за човечки ресурси. Претседателката на Асоцијацијата, Христина Лозаноска, во темелен пресек на подробностите поврзани со управувањето со човечки ресурси во Македонија, тврди дека управувањето со нив, како што го познаваме денес, го донесоа странските инвеститори. Главниот предизвик, според неа, лежи во сестраното вреднување на управувањето со човечки ресурси како респектабилна професија, којашто треба да биде правилно сфатена и користена од страна на највисокиот бизнис менаџмент.

Годишно собрание на МАЧР 2013

Корпоративна Македонија доживува нестивнат подем во областа на управувањето со човечките ресурси. Потребата на индивидуата да се реализира како вистински професионалец, давајќи издржан придонес кон издигнување на управувањето со човечки ресурси на рамниште на респектабилна професија во земјата, е основен мотив за постоењето на Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР). Основана во 2009 година како професионалното здружение на граѓани, Асоцијацијата врши сестрана функција на платформа за обединување на експертизата на домашните практичари во доменот на човечките ресурси, за зајакнување на свеста за професијата во домашните граници, како и за разменување добри практики со колегите од Европа и од светот.

Претседателката на Асоцијацијата, Христина Лозаноска, во пресек на подробностите за поставеноста на човечките ресурси во Македонија, вели дека управувањето со нив, како што го познаваме денес, го донесоа странските инвеститори во форма на добри практики од своите матични компании. Присуството на компаниите во Асоцијацијата е подоминантно во однос на државните институции, што е природна тенденција со оглед на подобрата инфраструктура на нивните оддели за човечки ресурси, како и на поголемиот број ангажирани лица. Во редовите на членството има менаџери за човечки ресурси од фирми од телекомуникацискиот сектор, од информатичката технологија, од комерцијалните банки, понатаму, застапени се ЕВН Македонија, Алкалоид и многу други. Претставници од државните институции, исто така, се впишани во членскиот регистар, но со помал процент: Народната банка на РМ, Министерството за труд и социјална политика, академци од државните факултети итн.

Состанок на внатрешните тела и на комисиите на Мачр

Со погледот кон досегашните активности, Лозаноска пренесува дека членувањето во МАЧР е на индивидуална основа и моментно брои околу сто активни членови. Во 2012 година, Асоцијацијата е примена како полноправна членка во Европската асоцијација за управување со луѓето (ЕАПМ), со што директно учествува во случувањата од оваа област на европско ниво. Македонија, заедно со Асоцијациите на Словенија и на Бугарија, е една од најактивните во регионот на Југоисточна Европа. Ваквото признание уследило по Годишното собрание на ЕАПМ одржано од 22 до 24 мај во Фиренца, Италија, каде што присуствувале претседателите на националните асоцијации од триесет земји-членки на ЕАПМ. Годинава, за приклучување кон нив, апликација поднела и Асоцијацијата на Хрватска, а станало збор и за процесот на поставување ИСО стандарди во областа на човечките ресурси на светско ниво.

„На барање на Светската федерација на асоцијации за управување со луѓето е одобрен опсервационен статус во процесот на создавање ИСО стандарди за човечки ресурси. ИСО е независна организација и преку своите национални ИСО претставници стапува во контакт со експертизата за човечки ресурси во земјите заради анализа на потребите и заради прибирање информации за изготвување на стандардите. Македонија ќе биде една од седумте земји во Комисијата на ЕАПМ, за мониторинг на глобалните ИСО стандарди за човечки ресурси (ISO TC260). Оваа година, нашата земја, првпат е мапирана на европската карта на човечки ресурси и преку истражување спроведено од престижната консултантска куќа ‘Бостон консалтинг груп’ во соработка со ЕАПМ, кое треба да резултира со компаративната анализа со останатите земји во Европа во однос на сите релевантни прашања за професијата на управување со човечките ресурси“, потцртува Лозаноска.

Христина Лозаноска, претседателката на МАЧР

Во доменот на истражувањата, додава Лозаноска, членовите во Македонската асоцијација континуирано можат да дадат свој инпут, односно да придонесат со доброволно вклучување во истражувањата за докторските дисертации и за трудовите на нивните колеги помалку или повеќе поврзани со прашања произлезени од проблематиката на човечките ресурси. Во еднаква мера важно, Асоцијацијата самостојно поднесува и апликации за проекти, од кои дел се истражувачки, при што честопати е неопходно да се спроведат анкети, обуки и експертски консултации. Ваквиот чекор е мошне битен со оглед на намерата на Асоцијацијата поамбициозно да пристапи кон полето на проектните активности, со цел да се вклучат што поголем број нејзини членови, а на тој начин да се добие реален увид во потребите и во можностите за унапредување на професијата и за конкретизирање на нејзиниот делокруг. Лозаноска укажува дека управувањето со човечките ресурси, освен што подлежи на промени под дејство на новите технологии, доживува и сè поголема поврзаност со бизнисот што го застапува.

„Во денешно време, технологиите се начин на живот, па ни управувањето со човечките ресурси не може да се замисли без нив. Уште поголема е промената во професијата што настанува во смисла на нејзиното поврзување со самиот бизнис, пред сè, од аспект на емпириска анализа на продуктивноста, на повратокот на инвестицијата во управувањето со човечките ресурси, како и на сите останати мерливи категории во делот на човечките ресурси. Професијата не е веќе доминирана од организациско-социолошкиот аспект на работењето, туку сѐ повеќе станува менаџментска функција што се користи како механизам за постигнување на целите на компанијата. Денешните работни услови не оставаат простор само за теоретска опсервација, туку сè почесто за мерења, проекции и емпириски истражувања при донесувањето одлуки. Менаџерот за човечки ресурси треба истовремено да биде запознаен со многу сегменти од работењето на компанијата и да се служи со модерните технологии, но ваквата перцепција, се разбира, паралелно мора да се развива и кај менаџментот на компанијата за да се добие јасна претстава во однос на тоа како оваа професија може да помогне за унапредување на бизнисот“, објаснува Лозаноска.

Годишно собрание на МАЧР 2013

Поместувајќи го својот исказ на домашниот терен, токму оваа проблематика, според Лозаноска, го отсликува најголемиот предизвик за управувањето со човечките ресурси во Македонија: домашниот пазар треба да го вреднува управувањето со човечките ресурси како респектабилна професија во секоја организација, институција или компанија; да биде правилно сфатена и користена од страна на највисокиот менаџмент, зашто лицата одговорни за управување со човечки ресурси се продолжена рака на менаџментот во врска со многу прашања од внатрешното уредување и од управувањето во која било компанија. За многу од нив ќе се дискутира и на овогодишната конференција на МАЧР, којашто традиционално се одржува наесен.

„Исклучително тешко е ако менаџерите на човечки ресурси секогаш сами ги туркаат нагоре своите идеи; многу полесно е кога непосредно од нив ќе се побара идеја, кога веќе постои свест за тоа кој е опсегот на активности и надлежности на управувањето на човечките ресурси во самата компанија, со што вистински и тековно ќе може да се инволвираат. Теоријата е едно, практичната примена е друго. Без ефикасно менаџирање на човечките ресурси не може да има успешен генерален менаџмент: тоа е една од суштинските алки и мора да биде јасно сфатено. Ако постои консензус за тоа прашање, успехот сигурно ќе биде поголем. Се работи за исклучително комплексна материја, со различности во однос на социо-економското и културното опкружување, но не е невозможно да се постават стандарди за работењето. Токму затоа, Асоцијацијата се стреми да биде што поактивна на тоа поле: пренесувајќи добри практики, да поставиме стандарди, што е и наша клучна стратешка цел“, порачува Лозаноска.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 24.6.2013