/ Прочитано:

1.607

Македонската платформа против сиромаштијата: И вработените со примања под 12 илјади денари се сиромашни

Во Македонија и оние што работат, а коишто имаат плата под 12 илјади денари се сиромашни, покажуваат официјалните податоци на Македонската платформа против сиромаштија. Според нивните податоци, станува збор за семејства во кои има само еден член којшто е вработен и кои немаат дополнителни приходи. Македонската платформа против сиромаштијата смета дека состојбата би се подобрила доколку се зголеми минималната плата, која, пак, според нивните проценки би требало да изнесува најмалку 12 илјади денари. За надминување на состојбата, исто така, сметаат дека е неопходно да се преземат конкретни мерки против сивата економија, а според нив, потребно е и посилно синдикално организирање кое реално ќе се стави на страната на работниците.

Официјалните податоци што денеска ги презентираше Македонската платформа против сиромаштија покажуваат дека девет проценти од вработените во Македонија се сиромашни, односно имаат приходи пониски од 12 илјади денари. Според нивните податоци, станува збор за семејства во кои има само еден член којшто е вработен и кои немаат дополнителни приходи.

Македонската платформа против сиромаштијата смета дека состојбата би се подобрила доколку се зголеми минималната плата, која, пак, според нивните проценки би требало да изнесува најмалку 12 илјади денари. За надминување на состојбата, исто така, сметаат дека е неопходно да се преземат конкретни мерки против сивата економија, а според нив, потребно е и посилно синдикално организирање кое реално ќе се стави на страната на работниците.

„Поимот ниска плата подразбира дека не сте во можност целосно да ги покриете основните потреби, па оттука се прави тежок избор кои основни трошоци први да се платат. Луѓето со ниски примања честопати се и материјално лишени и се погодени од социјална исклученост. Сиромаштијата кај вработените често води до преголема задолженост, бидејќи платите не се доволни за покривање на основните трошоци за живеење. Друг проблем е што минималните плати често не се порамнуваат со конкретните минимални трошоци и со цените на намирниците и услугите. Досега во Македонија се говореше за генерална сиромаштија, односно за луѓето што немаат никакви приходи или се невработени. Нашите официјални статистички податоци покажуваат дека се сиромашни и оние луѓе што се вработени, а имаат мали приходи, но и оние што не уживаат сигурност, иако се вработени. Тоа се хонорарците, лицата што работат на црно или со договори на кус период“, изјави денеска Билјана Дуковска, претседател на Македонската платформа против сиромаштија.

На денешниот настан, односно на Шестата национална конференција на сиромашни и социјално исклучени лица, насловена „Работа, колку да не е без ич…“, која ја организираше Македонската платформа против сиромаштијата, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека во Македонија е пресметано дека за едно четиричлено семејство е потребно да има месечен приход од 12 илјади денари за да е над нивото на сиромаштија.

„За оние кои се неосигурени, работат во неформална економија или со договор на дело и чувствуваат несигурност за нивното вработување, ќе биде донесена една стратегија со која неформалната економија ќе треба да се спречи или намали, со цел граѓаните да бидат сигурни дека се здравствено осигурени. Сузбивање на сиромаштијата, во поширок обем, значи пристап до здравствени и социјални услуги, социјално осигурување, образование, услуги што ги нуди пазарот… и така треба да се гледа и да се наоѓаат решенија за справување.“

На конференцијата беа присутни лица кои живеат во сиромаштија или се социјално исклучени, а кои пред учесниците од невладините организации, но и од владините институции можеа да ги споделат своите искуства и да овозможат отворање дебата од која треба да произлезат решенија за поквалитетен живот на оваа категорија граѓани.

Денешната конференција беше организирана со цел да се слушне гласот на лицата кои живеат во сиромаштија или се социјално исклучени. Преку ваквиот начин на работа, како што потенцираат од Македонската платформа против сиромаштијата, се промовираат активно учество и вклучување на овие лица во демократска дебата која треба да даде решенија за поквалитетен живот на сите граѓани.

А. Б.