/ Прочитано:

972

Македонски лекари ќе се усовршуваат на УКЛА, потпишан Меморандум за соработка

Вторник, 12 февруари 2013 – Македонските лекари и останатиот медицински кадар ќе имаат пристап до врвна обука, но и лекари од САД ќе доаѓаат во Македонија и ќе го пренесуваат своето знаење и искуство. Министерот за здравство Никола Тодоров, во рамки на работната посета на САД, потпиша Меморандум за соработка со реномираниот Универзитет на Калифорнија и Лос Анџелес (УКЛА), кој е основан 1919 година. 

Меморандумот,покрај министерот Тодоров, го потпиша и Томас Розентал, главен управител на Центарот за меѓународна соработка при Универзитетот на Лос Анџелес, соопшти Министерството за здравство. 

Меморандумот ја дефинира соработката со Медицинскиот центар „Роналд Реган“, кој е во рамки на УКЛА, со цел македонските лекари и останатиот медицински кадар да имаат пристап до врвна обука, но и лекари од САД да доаѓаат и да го пренесуваат своето знаење и искуство на македонските лекари, со можност за научна надградба што ги нуди оваа врвна здравствена институција, како и проширување на соработката со другите здравствени установи на тој Медицински центар. Тој е основан во 1955 година, а реотворен во 2008 година како Медицинскиот центар „Роналд Реган“ и е карактеристичен по обезбедувањето врвна грижа за пациентите.

Оваа болница, која е една од поголемите во Лос Анџелес, е врвна здравствена установа во светски рамки, со постигнати особени успеси во пресадувањето црн дроб, лекување болести од различни видови канцери, срцеви заболувања и друг вид тешки заболувања. Меморандумот посебно ќе се фокусира на унапредување и развој на следните медицински области: кардиоваскуларна хирургија, неврохирургија, рехабилитација, ортопедија, трансплантација, неонатологија и педијатрија.