/ Прочитано:

1.030

Македонски судии и обвинители ќе се обучуваат во Франција

Петок, 30 ноември 2012 – Претставници на четвртата генерациија од почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители предводени од едукаторот на Академијата, Јованка Никодиновска, судија на Апелациониот суд Скопје, од 3 до 8 декември ќе присуствуваат на Европската недела на почетната обука што ќе се одржи во Бордо, Република Франција.

Претставниците од Македонија ќе бидат примени од директорот на Националната школа на магистрати (ЕНМ) Хавиер Ронсин, а воведни информации во врска со агендата за овој настан ќе даде координаторот за обуки и шеф на меѓународните студии-ЕНМ, Гилес Боурдиер. Согласно агендата, делегациите од Полска, Германија, Италија, Шпанија, Бугарија, Франција, Португалија и Македонија ќе имаат можност да се запознаат со функционирањето на ЕУРОЈУСТ преку презентацијата на судијата Николас Шареје, кој е асистент на националниот член на Република Франција во ЕУРОЈУСТ. Делегациите ќе остварат и работна посета на повеќе судови во Бордо, а ќе присуствуваат и на конференцијата која ќе се одржи на 5. декември на тема „Развојот на европското семејно право“.

Од Академијата информираат дека на 7. декември делегациите ќе присуствуваат на тркалезните маси кои ќе бидат посветени на темата „Јавните обвинители како претставници на правосудството, статус и обука“, по што ќе следи и презентацијата на заменик претседателот на Европската Асоцијација на судиите и јавните обвинители, Филип Бруе, во чии рамки ќе биде претставена работата и организацијата на Асоцијацијата.

Европската недела на почетната обука ќе ја одбележат симулациите на судења, каде секоја делегација накратко ќе ја презентира Школата за обука на судии и јавни обвинители на земјата од која доаѓа, а воедно ќе презентира и дел од правосудниот систем преку симулација на судење.

Учеството на македонската делегација на Европската недела е во рамките на дологодишната успешно воспоставена соработка на Академијата за судии и јавни обвинители со Националната школа на магистрати – ЕНМ, Бордо, Република Франција