Македонските граѓани стануваат сè посвесни за предностите од осигурувањето
Осигурувањето на имотот од пожар, од природни непогоди, од кражби и од други ризици, годинава бележи намалување на бруто-полисираната премија од 7,98 проценти. Сметаме дека едукацијата на граѓаните во оваа област е исклучително важна. Мора да се подигнува свеста на луѓето за важноста на осигурувањето. Тие треба да знаат дека само доколку имаат осигурителна полиса на имот, можат да го заштитат својот имот и сето она што го стекнале во текот на целиот работен век. Нашето здружение организираше низа активности за едукација – обуки и семинари, само за да укажеме дека осигурувањето на имотот може да ги намали евентуалните финансиски загуби.
Осигурувањето е единствениот правен инструмент со кој можат да се избегнат евентуални финансиски последици од разни ризици: елементарни непогоди, кражби, пожари и така натаму, но според податоците од Здружението за осигурување при Стопанската комора на Македонија, и во 2016 година само мал број домаќинства свесно и доброволно се одлучиле да склучат договор за осигурување на својот имот. Претседателката на ова здружение, Рената Варга-Мицева вели дека најчесто се осигурува она за што граѓаните и компаниите имаат законска обврска да го осигурат, или пак осигурувањето претставува услов за склучување договор.
„Осигурувањето на имотот од пожар, од природни непогоди, од кражби и од други ризици, годинава бележи намалување на бруто-полисираната премија од 7,98 проценти. Сметаме дека едукацијата на граѓаните во оваа област е исклучително важна. Мора да се подигнува свеста на луѓето за важноста на осигурувањето. Тие треба да знаат дека само доколку имаат осигурителна полиса на имот, можат да го заштитат својот имот и сето она што го стекнале во текот на целиот работен век. Нашето здружение организираше низа активности за едукација – обуки и семинари, само за да укажеме дека осигурувањето на имотот може да ги намали евентуалните финансиски загуби“, истакна Мицева.
Граѓаните, пак, велат дека целосно се во тек со потребите што ги наметнува современиот начин на живеење, но ,за жал, само мал дел од нив можат да си дозволат да плаќаат надоместок за осигурување на имотот.
Еве што велат некои од нив:
„Знам што значи да се има полиса за осигурување на имотот, но во моментов немам доволно пари за да можам да издвојувам околу две, две и пол илјади денари за да си го осигурам станот. За среќа, досега немам некои поголеми штети.“
„Пред две-три години имаше пожар во нашата зграда. Станот не ни беше осигурен, но за среќа огнот не стигна до вториот кат, па немавме никаква штета. Оттогаш, еве веќе трета година како издвојуваме со сопругот од пензиите само за осигурувањето. Со тоа некако се чувствуваме побезбедно.“
„Склучивме договор за осигурување на имот во текот на изминатата година. Добро е да се има такво осигурување, никогаш не се знае што може да ни се случи“, велат граѓани.
Инаку, во текот на оваа година, Здружението за осигурување започна со имплементацијата на проектот „Понатамошно усогласување со Европската Унија во областа на осигурувањето и зголемување на пазарните операции“ со цел усогласување на регулативата во согласност со европските стандарди.
„Здружението за осигурување формираше работна група од правници кои се делегирани од осигурителните компании и тие активно се вклучени во процесот на изготвување на новиот Закон за осигурување. На овој начин, преку директна вклученост на стопанството во процесот на креирање на регулативата, ќе се овозможи создавање правила кои ќе бидат во корелација со барањата на осигурителните компании кои директно и реално ги отсликуваат потребите на осигурителната дејност во Македонија. Носители на овој проект се Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, истакна Мицева.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски, вели дека политичката криза и економската состојба имаа влијание за намалената динамика во осигурителната дејност. Сепак, според него, осигурителната култура на граѓаните оди во нагорна линија.
„Граѓаните сè повеќе ги препознаваат предностите што ги носи осигурувањето како најефикасен механизам за компензирање на потенцијални финансиски загуби од сè почестите случувања на ризици. Значајно раздвижување има по елементарните непогоди што го зафатија Скопскиот Регион, односно по поплавите и серијата земјотреси. Во 2013 година вкупно договори имало 22 683, а заклучно со третиот квартал од 2016 има пораст од 46,59 проценти и склучени 33 252 договори. Најголем пораст има кај физичките лица. Во 2014 година имало 1 818 договори, во 2015 – 5 118, додека во 2016 година 6 183 договори. При тоа 86,5 проценти од склучените договори за осигурување ги направиле граѓаните, потенцираше Попоски.
Од поплавите се пријавени 867 штети, од кои од физички лица 621 пријава, а од претпријатија 246. Вкупно пријави за имот се 821, а за каско на автомобили 46. Исплатената штета е 35,5 милиони денари.
По серијата земјотреси пријавени се 94 штети, но исплатени се пет бидејќи, како што појасни Попоски, во полисите не бил вклучен земјотрес како ризик.
А. Б.