/ Прочитано:

5.874

Македонските студенти по право постигнаа значаен успех на натпреварот на симулирани судења пред Европскиот суд за човекови права

Тимот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ постигна голем успех на 11. Регионален натпревар на симулирани судења (Moot Court) пред Европскиот суд за човекови права. Постигнатиот успех е доказ за компетитивноста на македонските студенти по право, кои се подготвуваат да бидат современи правници на 21 век, со познавања од модерните текови на правото, истакнуваат учесниците на натпреварот.

Годинешни учесници на натпреварот, кој оваа година се одржа од 17 до 19 март во Тирана, Албанија, се: Иван Дургутов, Бојан Трпевски и Тамара Велковска, како правни застапници на апликантот и Никола Мурџев, Фанче Димоска и Фросина Спасевска, како правни застапници на државата. Нивната едукација и подготовка за натпреварот се изведуваа под менторство на Светлана Ќосева и Фросина Антоновска, како академски тренери.

Иван Дургутов вели дека како студенти учесници на натпреварот носат исклучително позитивни искуства и пофалби добиени од судиите и колегите. Прогресот во настапот на македонскиот тим, нагласува Дургутов во разговорот со Академик, секоја година е сѐ повидлив.

Постигнавте значаен успех на 11. Регионален натпревар на симулирани судења (Moot Court) пред Европскиот суд за човекови права. За каков вид натпревар се работи?

Станува збор за 11. Регионален натпревар на симулирани судења (Moot Court) пред Европскиот суд за човекови права. Регионалниот натпревар според заедничкиот т.н. „нордиски“ модел се одржува особено во земјите на Нордиската Унија и во земјите на Југоисточна Европа – Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија. Во негови рамки, студентите заземаат улога на правни застапници за странка пред Европскиот суд за човекови права.

Доделениот хипотетички случај се однесува на наводна повреда на едно или повеќе права наведени во Европската конвенција за човекови права. На крајот на курсот, тимовите се среќаваат на усна финална презентација во суд, во една од државите учеснички (во зависност од ротирачкиот распоред). Студентите имаат усно изложување пред квалификуван Судски совет од професионални судии, најчесто поранешни судии во Судот во Стразбур, Франција. Во 2016 година, натпреварот е одржан во Загреб, Хрватска, а оваа 2017 година тој се одржа во Тирана, Албанија од 17 до 19 март.

Секој тим е составен од 6 студенти, поделени во две групи каде што една група го претставува апликантот (жалителот), а другата респондентот (државата). Рангирањата на тимовите се според комбинираниот критериум како збир меѓу вкупниот број поени од усните изложувања и вкупниот број поени од писмените поднесоци.

Кои беа учесниците од Македонија и под чие менторство течеа подготовките?

Годинешни учесници на „Moot Court“, тимот „Јустинијана Прима“ од Правниот факултет во Скопје, беа: Иван Дургутов, Бојан Трпевски и Тамара Велковска, како правни застапници на апликантот и Никола Мурџев, Фанче Димоска и Фросина Спасевска, како правни застапници на државата. Нивната едукација и подготовка за натпреварот се изведуваа под менторство на Светлана Ќосева и Фросина Антоновска, како академски тренери.

Колку време се подготвувавте и на што особено се фокусиравте?

Во првиот дел од курсот, во текот на речиси 5 недели, како учесници подготвувавме писмени поднесоци, односно апликација од една страна и одговор од тужената држава, од друга страна. Потоа, во преостанатиот дел за подготовка, бевме насочени кон подготвување на нашите усни презентации за вториот дел од натпреварот. Она на што посветивме особен фокус е да навлеземе во духот на доделениот случај и максимално да се соживееме со улогите што ги добивме.

Што значеше за вас учеството на натпреварот и какви се вашите искуства?

Учеството на натпреварот за нас како студенти по право претставуваше можност да ги вежбаме и развиваме своите аналитички способности, да ја унапредиме стручноста во писмена аргументација на конкретен случај, како и можност за презентација пред професионални судии од Европскиот суд за човекови права, при што како противници ги имавме студентите од другите регионални универзитети, повеќето од нив повисоко рангирани на светските листи за рангирање на високообразовни установи. Носиме позитивни критики и искуства добиени од тамошните судии и колеги за тоа дека прогресот во настапот на македонскиот тим секоја година е сѐ повидлив.

Што претставува овој ваш успех  за македонското правно образование и во таа смисла, по што е значаен овој натпревар како потврда на она за што се едуцираат студентите на правни студии?

Освоеното четврто место на регионалниот натпревар и постигнатиот успех се доказ за компетитивноста на македонските студенти по правни студии и порака која ние како млади правници ја испративме, а тоа е дека и во Република Македонија постојат индивидуи кои се подготвуваат да бидат современи правници на 21 век со познавања од модерните текови на правото.

M.В