/ Прочитано:

1.929

Македонско-британски бизнис форум

Денеска во Стопанската комора на Македонија се одржа Бизнис форум, со билатерални деловни средби меѓу компании од Велика Британија и Република Македонија. На настанот беа присутни претставници на 23 британски компании кои остварија деловни средби со 40-ина македонски бизнисмени од областа на туризмот, хотелиерството и угостителството, банкарство и финансии, консултантски услуги и развој и управување со недвижности и имот.

Настанот го отвори Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија, истакнувајќи дека денешниот настан претставува значаен импулс во унапредувањето на стопанската соработка меѓу Македонија и Велика Британија и дека ова е можност за подобро меѓусебно запознавање како услов за натамошен развој на соработката.

„И двете земји имаат одлични пријателски врски и треба објективно да се согледаат можностите за деловна соработка како во делот на трансфер на нови технологии, инфраструктурата, енергетиката, така и во размената на производи со вклучување на успешни практични и иновативни решенија. Целта на денешниот Бизнис форум е македонските компании и институции да се запознаат со можностите за развој на економската соработка со Велика Британија, да се согледаат потенцијалите за нејзино интензивирање и развивање, што во иднина треба да резултира и со зголемен обем на надворешнотрговската размена“, додаде Пешев.

„Ми причинува особено задоволство да бидам дел од овој настан каде што средбите меѓу бизнис заедницата на Велика Британија и Македонија ќе придонесат за зацврстување и продлабочување на веќе одлично воспоставената економска соработка меѓу двете земји. Се надевам дека водени од примерот на ‘Џонсон Мети’, ‘Комфи Ангел’, ‘Ендава’ и други компании коишто веќе инвестираа во Македонија, бизнисмените присутни на денешниот настан ќе успеат да најдат соодветни партнери и решенија за понатамошна соработка“, истакна амбасадорот на Велика Британија во Република Македонија,  Чарлс Гарет.

Претседателот на Стопанската комора на Јужен Лондон, Џери Мекдона, во своето обраќање изрази благодарност до Стопанската комора на Македонија за организирање на денешниот настан, како и до македонските компании за искажаниот интерес за средби со претставниците од Велика Британија.

„Се надевам дека денешните билатерални средби ќе резултираат со успешна идна бизнис соработка и ќе претставуваат чекор кон градење на пријателски односи“, рече Мекдона.

Во рамки на Бизнис форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Јужен Лондон, со цел да се олесни поврзувањето на македонските и британските компании и да се воспостават директни бизнис контакти кои ќе прераснат во трајни партнерства.

Вкупната трговска размена на Република Македонија со Велика Британија во периодот јануари – март  2017 година достигна вредност од 192,1  милиони американски долари, што претставува раст од 4,47% во однос на истиот период од претходната година.

Притоа е остварен извоз во вредност од 19,4 милиони американски долари или зголемување од 24,93%, додека увозното салдо изнесува 172,7 милиони американски долари или зголемување од 2,78% споредено со истиот период од 2014 година.

Евидентиран е негативен биланс на страната на Република Македонија во трговското салдо од 153 милиони американски долари. Велика Британија е втор трговски партнер на Република Македонија во периодот јануари – март 2017  година, како и во истиот период од 2016 година.

М.В