/ Прочитано:

2.689

Стручната јавност реагира

МАКЕДОНСКО ПРЕКРШОЧНО ПРАВО: Идејата за растоварување на судството од „ситните“ прекршоци се претвори во практика на драконски казни

Здружението за кривично право и криминологија на Македонија во соработка со ИРЗ – Германската фондација за меѓународна правна соработка одржа советување на тема „Македонско прекршочно право – проблеми“.

akademik1

Прекршочното право е под влијание на многу чести измени и дополнувања на Законот за прекршоците

„Прекршочното казнено право во Република Македонија предизвикува научен и практичен интерес од три аспекта: Прво, како и целокупниот правен и казненоправен систем и прекршочното право е под влијание на многу чести измени и дополнувања на Законот за прекршоци и другите специјални закони со кое се пропишуваат прекршоци и прекршочни санкции. Второ, тоа е под постојани измени, така што не може да се создаде систем преку кој се обезбедува заштита на општествениот поредок и нужна дисциплина во општествениот јавен поредок. Трето, по бројот на граѓаните на кои им се изрекуваат прекршочни санкции – резултира со многу казнување, но и повисок степен на општествена недисциплина“, беше констатирано на советувањето.

На почетокот на настанот, претседателот на Здружението за кривично право и криминологија, професорот д-р Трпе Стојановски ја нагласи улогата на стручната јавност во детектирање на законските слабости и посочи дека таа неоправдано не е вклучена со своите ставови и знаења во нужните институционални дебати за истите. Тој додаде дека и заклучоците од денешното советување се во насока на подобрување на решенијата во прекршочното право и конкретно во Законот за прекршоците.

Прекршочното закондавство треба да има превентивна функција, а не репресивна

Понатаму, во контекст на Законот за прекршоците кој беше централното прашање на дебатата, свое излагање имаше професорот д-р Љупчо Арнаудовски. Тој истакна дека првенствено, Законот за прекршоците, односно прекршочното закондавство, треба да има превентивна функција, а не таа да биде репресивна.  Професорот подвлече дека на годишно ниво, милион луѓе во Македонија учествувале во прекршочни постапки кои биле поведени против нив.

„Која е основната цел на Законот за прекршоците? Да обезбеди јавен ред и мир или можеби дисциплина со казни? Се поставува прашањето: дали навистина овој народ е недисциплиниран според овие податоци?“, запраша професорот Арнаудовски, кој во таа насока дополнително го постави и прашањето дали всушност извршната власт го присвоила прекршочното право за да може да владее.

„Основната идеја на Законот за прекршоците треба да биде превенцијата. Во насока на правната држава во која владее правото, а граѓаните достојно ги остваруваат своите слободи и права!“, додаде Арнаудовски.

akademik1

Правејќи историски пресек на развојот на македонското прекршочно право, професорот  образложи дека слабости во прекршочното право се забележувале низ целиот негов развој, првично со „недоречената дефиниција на прекршокот“, па преку обезличувањето на идејата да се пренесат овластувања на управата која, пак, почнала да пропишува големи и неоправдани казни, и се до директната спротивност на новиот Закон за прекршоците со уставните начала за поделба на власта.

Несразмерно остри санкции

„Законот за прекршоци неколку пати е менуван. И не може да се види дека е направен напредок. Со некои измени се создадоа збрки. Министерствата сами почнаа да пропишуваат казни во разни закони, не се создаде единствен систем на казни и глоби. Се мислеше дека глобите превентивно ќе делуваат, но тоа не се случи.  Има несразмерно големи санкции, поголеми санкции отколку во кривичното законодавство. Какви се тие санкции од 20, 30 или 50 илјади евра? И тука се поставува прашањето дали имаме прекршочен систем. Мојот одговор е негативен. Неговата основна цел е нарушена. Законот за прекршоци носи слабости кои мора да се утврдат за да се создаде целосен и конзистентен кодифициран систем на прекршочно право“, нагласи Арнаудовски, резимирајќи дека Законот за прекршоците треба да функционира по максимата „Не прави му го на другиот она што не сакаш тебе да ти го прават“, во смисла и служба на спокојното живеење на граѓаните.

Професорот  д-р Никола Тупанчески од Правниот факултет „Јустинијан Први“, во своето излагање елаборираше дека законското решение за прекршоците е проблематично од повеќе аспекти, но воедно посочи и на системскиот проблем на постоење на прекршоци и санкции во голем број на законски решенија, како и на различни законски дефиниции за исти поими.

„За иста синтагма, за еден поим има различни дефиниции. На пример, во Законот за трговските друштва има една, а во Кривичниот законик има друга дефиниција за правно лице. Не би било проблем доколку дефинициите се идентични. Но, сведоци сме дека различно се дефинираат“, истакна Тупанчески.

Законот за прекршоците си противречи самиот на себе 

За професорот позитивно е тоа што во новиот Закон за прекршоците се имлементира дефиницијата за правно лице од Кривичниот законик и што се конкретизираат реперите за правните лица во смисла на нивната економска моќ  како приходот во последната фискална година, бројот на вработените лица и дали претходно правното лице било осудувано.

akademik1

Да се кодифицира прекршочното законодавтсво

„Ова значи едно релативизирање на драконската казнивост. Но, она што изненадува во овој Закон е тоа што тој самиот себе си се исклучува, во смисла –  Да, ова е  тој Закон за прекршоците, ама има и други прекршоци во други закони“, рече Тупанчески, укажувајќи на апсурдноста дека во огромен број на законски решенија паралелно постојат прекрошоци кои не постојат во Законот за прекршоци, како и кривични санкции кои не постојат во Кривичниот законик. „Танталови маки се“, додаде Тупанчески, „да се види каде се не постојат санкции“.

Доц. д-р Џемали Саити, судија на Врховен суд на Република Македонија, говороејќи за практичните согледувања на прекршочното право на Р. Македонија,  исто така, нагласи дека потребно е кодифицирање и усогласување на прекршочното законодавство затоа што одредени решенија создаваат забуна во праксата.

Со новиот Закон за прекршоци се создава хибриден систем

Професорката д-р Ана Павловска Данева од Правниот факултет „Јустинијан Први“, елаборираше дали прекршочната постапка пред органите на управата значи зголемена ефикасност или намалена правна сигурност.

„Со новиот Закон за прекршоци се создава хибриден систем кој е единствен во светот,  кој не е виден никаде во светот. Никаде не постои вакво паралелно помешување на управата и судството“, нагласи професорката. Таа додаде дека почетната идеја била благородна во смисла на релаксирање на судството од „ситните“ административни прекршоци, а со цел тие да се дистанцираат од останатите прекршоци, но, како што нагласи, преку наведување на точна законска рамка „од – до“.

Многу закони се сменија преку ноќ, носејќи нови повисоки казни

„Страшен е фактот дека потоа, нешто што ние не го предложивме како стручна јавност, изненадувачки се додаде нешто друго како законска одредба. А, тоа е дека наместо казни во лимитирана рамка, да може и со посебни прописи да биде изречена различна казна, односно можност за повисока казна како отстапување од рамката со која се утврдува. Од 2005 многу закони се сменија преку ноќ и сите предвидуваат поголеми казни“, потенцираше професорката Данева.

Професорката истакна дека критериумите во Законот за прекршоци во однос на казните за правните лица како вкупниот приход, бројот на вработени и претходно сторените прекшоци тешко ќе профункционираат во праксата, првенствено затоа што евиденцијата за претходно сторени прекршоци воопшто не се води, а инспекторот нема да биде во можност да ја утврди казната.

akademik1

„Тоа убаво звучи, но реалноста е сосема друга“, додаде Данева. Таа апелираше да се донесе нов Закон за прекршоците, но за кој ќе има бројни институционални дебати  во кој ќе бидат вклучени сите теоретичари, судии, претставници на министерството за правда, бизнис заедницата, адвокатската заедница и сите заинтересирани страни.

Недореченостите и слабостите во прекршочното законодавство не ја заштитуваат правната сигурност

„Во таа насока, во едно такво решение, не треба да се дозволи да има норма која овозможува со посебни закони да се предвидуваат други казни. Исто така, треба и да има препознатлива граница помеѓу судски и административни прекршоци“, истакна професорката Ана Павловска -Данева.

Потребата за непостоење на норма која ќе овозможи  со посебни закони да се предвидуваат други казни, ја истакнаа и проф. д-р Александра Груевска – Дракулевски и проф. д-р Ивана Шумановска – Спасовска од Правниот факултет „Јустинијан Први“, кои предочија дел од нивните истражувања дека токму ваквата законска можност создава проблеми во праксата.

„Тоа мора да се ревидира, бидејќи според една анализа, со посебните закони има казни кои се дури и до 20 илјади евра“, рече проф. д-р Александра Груевска – Дракулевски.

Професорката Шумановска – Спасовска, пак, додаде дека недореченостите и слабостите во прекршочното законодавство не ја заштитуваат правната сигурност, создаваат хаос и ја додведуваат под знак прашање превентивната улога на прекршочното закондавство и право.

Да се вклучи науката

Проф. д-р Искра Малетиќ Акимовска од Факултет за безбедност, говорејќи за уредувањето на „административните прекршоци“ согласно новиот Закон за прекршоци, исто така, рече дека за Законот за прекршоците недостасувала научна дебата и апелираше аргумените на научната јавност сериозно да бидат земени во предвид, а во интерес на граѓаните и функционалното законодавство.

akademik1

Делот за прекршочното право финишираше со презентацијата на доц. д-р Стојанка Мирчева од Факултет за безбедност и  излагањето на доц. д-р Беса Арифи од Правниот факултет при Универзитет на Југоисточна Европа, а понатаму во рамки на научното советување, беше организиранана и панел дискусија на тема „Предностите на ресоцијализацијата наспроти казнувањето кај малолетничката деликвенција“.

Ресоцијализацијата наспроти казнувањето кај малолетничката деликвенција

Мариус Фиелдер, постојан твининг советник на IRZ – Косово, говореше за предностите на ресоцијализацијата наспроти казнувањето кај малолетничката деликвенција, пренесувајќи ги германските искуства. Фиелдер истакна дека покрај правно, прашањето за малолетничката деликванција претставува и мошне важно социо-психолошко прашање  и затоа кон него треба да се гледа со особена сензибилизираност, а во насока на истакнување на предноста и применувањето на ресоцијализацијата наспроти казнувањето кај малолетничката деликвенција

Професорката д-р Гордана Бужаровска говореше за диверзионите облици на постапување според Законот за правда на децата. Таа, образложувајќи ги законските аспекти, нагласи дека клучно во постапувањето, согласно законодавството, е концентрираноста и фокусот кон детето и семејството, а преку постоењето на  акцентирана специјална превенција.

„Фокусирани сме на причините што довеле до сторувањето на кривичното дело. Главната цел е воспитување, превоспитување и правилниот развој, како и отргнувањето на стигматизацијата“, истакна Бужаровска.

akademik1

Проф. д-р Татјана Велкова од Факултет за детективи и безбедност при ФОН универзитет говореше за правдата на децата низ дилемата дали таа правда значи терминолошко усогласување или чекор кон практична имплементација. Според Велкова, недоволно е само да постојат законски решенија, туку мора да се види праксата.

Потреба од правна и социјална структура за имплементација на системот

„Колку и да направиме со законите, во праксата назадуваме. Неспорно е дека не создадаваме државна правна и социјална структура за имплементација на системот на ресоцијализација“, истакна Велкова.

На настанот свои дискусии имаа и адвокатите Билјана Стојковска и Александар Тумановски, кои ги споделија своите практични искуства и проблеми со кои се соочува адвокатурата во примената на законските решенија кои беа предмет на елаборација на денешното советување. Од Здружението за кривично право и криминологија најавуваат дека во следниот период ќе имаат засилена соработка со адвокатската заедница, поврзани со прашањата од кривичната материја.

„Законот за прекршоците од управата создaва парасудска власт, што е флагрантна повреда на уставните начела“ – Интервју со академик ВЛАДО КАМБОВСКИ

М.В / veljanoskim@akademik.mk